Блокирањето на Северна Македонија на патот кон Европската Унија може да ја стави Бугарија во изолација во Унијата и регионот, како и да предизвика антибугарски чувства во Северна Македонија, смета бугарскиот дипломат и директор на Институтот за економија и меѓународни односи, Љубомир Ќучуков.

– Јас сум скептичен кон самата идеја за блокирање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, бидејќи тоа е во прилог на македонизмот и генерира многу сериозни антибугарски чувства кај нашиот сосед, ставајќи ја Бугарија во меѓународна изолација – во рамките на Европската унија и во регионот. Со тоа се компромитира нашиот сопствен приоритет за време на претседателството на Советот на ЕУ за пристапување на Западен Балкан – вели Ќучуков.

Тој смета дека блокадата за ЕУ е негативен елемент. Оценува дека дијалогот на дипломатско ниво е исклучително тежок, но решението треба да се бара таму.

Ќучуков објасни дека договорите на Северна Македонија со Грција и со Бугарија се радикално различни.

– Грција се обидува да докаже дека нема ништо заедничко со Република Северна Македонија, а ние се обидуваме да докажеме дека сè ни е заедничко, а тоа е процес, бидејќи станува збор за промена на свеста на луѓето – вели Ќучуков.

Tој објаснува дека проблемите со Грција завршуваат со потпишувањето на договорот, а решавањето на проблемите меѓу Бугарија и Северна Македонија започнува со потпишување на договорот.

– Ова е договор што ја дава основата, бидејќи без него, Бугарија немаше ниту да има каква било можност да го покрене прашањето во ЕУ – заклучи бугарскиот дипломат.