Фото: Игор Бансколиев

Одбележувањето на двегодишнината на Преспанскиот договор го поттикна прашањето дали и на кој начин добрососедските договори би можеле да бидат „адут про или контра“ во претстојната кампања за партиско анимирање на електоратот. Имено, факт е дека договорот со Грција и договорот за добрососедство со Бугарија и понатаму претставуваат тема за жолчни политички дебати и антагонизми во земјава. Постои ли сѐ уште политички плодна почва за овие теми во пресрет на изборите?

Дали различната перцепција за договорите со Грција и со Бугарија сѐ уште има потенцијал за мобилизација на гласачи

Двегодишнината од Преспанскиот договор, потпишан меѓу Македонија и Грција на 17 јуни 2018 г. во селото Нивици во Мала Преспа, по некоја случајност се совпадна токму со период кога заживуваат активностите за изборите на 15 јули. Настанот беше одбележан воздржано, во светлината на корона-кризата. Сепак, истиот тој го поттикна прашањето дали и на кој начин добрососедските договори би можеле да бидат „адут про или контра“ во претстојната кампања за партиско анимирање на електоратот. Имено, факт е дека договорот со Грција и договорот за добрососедство со Бугарија, потпишан пред три години (1 август 2017 г.), и понатаму претставуваат тема за жолчни политички дебати и антагонизми во земјава. Постои ли сѐ уште политички плодна почва за овие теми?

Меѓународните договори тешко ќе се игнорираат во кампањата

Додека во Грција Преспанскиот договор речиси е ставен „под тепих“ на тамошната политичка сцена и грчката страна речиси и да не го спроведува својот дел од обврските, Бугарија гласно и често го користи добрососедскиот договор како инструмент за топло-студени еквилибристики кон Македонија за (не)остварување на нејзините евроатлантски перспективи.
– Би било погрешно и неприфатливо ако оваа тема за добрососедските договори не биде присутна во кампањите за претстојните избори. Ако се игнорира оваа тема во предизборието, само ќе се покаже недоветноста на политичарите – вели македонскиот дипломат со долгогодишно искуство Ристо Никовски.
Тој го истакнува ставот дека „договорите со Бугарија и со Грција се нужно зло, кои се направени и со кои ќе мора да живееме уште некое време“. Никовски својот став го отсликува со цитатот на генералот Де Гол: „Меѓународните договори се како розите и младите девојки – траат колку што траат“. Тој вели дека одговорноста останува на народот, кој преку избори треба да избере власт што ќе создаде лидер, кој ќе неѐврати на нашиот исконски македонизам.

Атрактивен материјал за меѓупартиските битки за гласови

– Во принцип договорите, па и оние меѓународните, никогаш не се „завршена работа“. Особено не оние што регулираат палета од теми и кои се во насока на создавање претпоставки за подобрување на меѓудржавните билатерални соработки. Тие се само почеток на низата процеси, кои треба да водат кон нивна реализација. Но кога меѓудржавните договори, како нашите последни со Грција и со Бугарија, се ставаат во дневнополитички контекст, особено во време на предизборие, тие може да се предмет и на меѓупартиските битки за гласови. Но сметам дека овој пат и за ВМРО-ДПМНЕ тие ќе бидат тивка, придушена изборна тема и дека во предизборната кампања партијата ниту од далеку нема да им дава такво нагласено значење како досега. И опозицијата добро знае дека овие договори се завршена работа и дека, доколку и ја освои власта, во нив не ќе може ниту запирка да промени. И токму поради тој факт таа нема да се впушти во авантура на силни ветувања за нивно поништување или за радикално менување на нивните содржини – смета новинарот и политички аналитичар Зоран Иванов.

Здравствената криза во фокусот на кампањите, меѓународните договори -„скриено жарче“

Не потценувајќи ги влијанието и значењето на соседските договори со Бугарија и со Грција, во македонскиот политички амбиент, политикологот Владимир Божиновски цени дека актуелниот предизвик од справувањето со корона-кризата и сите последици што ги предизвика и што се очекуваат на секој општествен план, го создава примарниот фокус на кој ќе бидат насочени партиските кампањи за претстојните избори.
– Договорот за добрососедство со Бугарија, очигледно има проблем со перцепцијата во двете договорни страни – Македонија и Бугарија. Или одредбите во него не се јасно напишани или од бугарска страна се перципираат поинаку отколку што се напишани, бидејќи официјалната македонска договорна страна главно не се изјаснува јавно за проблемите. Обврските од Преспанскиот договор, за овие две години речиси и не се спроведуваат од грчка страна, додека ние ги реализиравме најголемиот број задолженија напишани таму, па дури и оние поапсурдните како брусење на шахтите со сонцето од Вергина…

Очигледно овие договори сѐ уште активно создаваат спротивставености во македонското општество, но специфичната ситуација во која се најдовме со појавата на пандемијата, се чини постави актуелни приоритети како теми во изборната кампања. Справувањето со здравствената криза, која токму поради изборите доби несакан лош пресврт по почетните добри резултати, опозицијата може да го согледа како шанса за шутирање пенал на изборите, а владејачката партија да биде ставена во позиција да реплицира. Претпоставувам дека здравствената криза ќе биде во фокусот на кампањите, но секако свој дел од кампањскиот простор ќе имаат и договорите со соседите, иако можеби нема да бидат ударниот момент – ги кажува своите процени Владимир Божиновски.