Според објавите на некои од партиите на социјалните мрежи, тие веќе подготвуваат и тимови, но и стратегија за освојување на гласачите за претстојните избори токму преку социјалните мрежи како Фејсбук и Твитер, што значи дека тие се подготвуваат за жестока интернет-офанзива
Домашните политичари, партии и лидери, во пресрет на вонредните парламентарни избори, сѐ поактивно во својата работа ги користат алатките и потенцијалот на социјалните мрежи за комуникација со граѓаните. Во пресрет на парламентарните избори закажани за април, односно подготовките на партиските кампањи, дебатите и соопштенијата на социјалните мрежи земаат исклучително висок замав. Меѓутоа, се отвора прашањето колку квалитетно се користат тие, не само за презентирање и аргументирање на соодветни ставови туку и од етичка и од морална гледна точка и кое е нивото на интеракција на сите засегнати страни.
Експертите најавуваат жестока интернет-офанзива
Експертите со кои се консултиравме на оваа тема велат дека македонските политичари надвор од изборниот период, за разлика од минатото, сега активно ги користат социјалните мрежи за да ги информираат граѓаните за своите активности. Сепак тие велат дека домашните институции и политичари заостануваат далеку во однос на користењето на социјалните мрежи на светските лидери и европските политичари за испраќање пораки до граѓаните.
Комуникологот Синиша Пекевски, коментирајќи ја состојбата во Македонија на ова поле, вели дека политичарите во поголема мера се поактивни на Фејсбук за разлика од Твитер. Според Пекевски, социјалната мрежа Твитер е сѐ поатрактивна меѓу домашните политичари, бидејќи е динамична, за разлика од Фејсбук, а во исто време избегнувањето на традиционалните медиуми на политичарите и институциите во однос на комуникацијата со граѓаните може да предизвика проблем во комуникацискиот сообраќај и да создаде лажни вести, особено во предизборието.
– Крајно несериозно е тоа што домашните политичари во последно време, копирајќи го стилот на светските, почнаа своите одлуки официјално да ги изразуваат и соопштуваат преку социјалните мрежи. Социјалните мрежи се тотално нерелевантни за пренесување официјални пораки до граѓаните. Тие не се официјални, односно нивната улога првично е за личен интерес, но не и за професионален. Испраќањето на пораките преку нив до граѓаните говори колку се несериозни политичарите, партиите и институциите кај нас, бидејќи токму преку споделувањето на информациите на социјалните мрежи увидовме дека периодов се отвора и создава полето за ширење на дезинформациите и лажните вести. Сепак, за да биде прифатлив овој светски тренд на комуникација за наше тло, треба во земјава да се создаде некакваси регулација, со што таа сфера би се регулирала законски и би се одвоило што е вистина а што е лага – објаснува Пекевски.
Според објавите на некои од партиите на социјалните мрежи, тие веќе подготвуваат и тимови, но и стратегија за освојување на гласачите за претстојните избори токму преку социјалните мрежи како Фејсбук и Твитер, што значи дека тие се подготвуваат за жестока интернет-офанзива.
Кој како котира на социјалните мрежи?
Според јавно достапните податоци од социјалните мрежи, македонските политичари на Твитер функционираат многу поскромно од светските државници. Поранешниот македонски премиер Зоран Заев има нешто повеќе од 18.600 следбеници на Твитер. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски има 4.573, додека официјалниот профил на Владата на Македонија има околу 11.500 следбеници на оваа социјална мрежа. Од друга страна, на социјалната мрежа Фејсбук, пак, поранешниот премиер Заев, покрај фан-страницата, има и личен профил. Тој на фан-страницата речиси секојдневно објавува пораки, а е следен од приближно 221 илјада следбеници. Слично на него, на оваа социјална мрежа функционира и неговиот ривал Мицкоски, кого на фан-страницата го следат помалку луѓе, или околу 55 илјади посетители. Меѓу најатрактивните на Фејсбук, но и на Твитер, кај нас е министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој на социјалната мрежа Твитер има околу 14.000 следбеници. Доколку се видат следбениците од неговиот официјален профил, може да се увиди дека македонскиот министер за надворешни работи Димитров го следат повеќе светски челници, меѓу попознатите е канадскиот премиер Џастин Трудо, како и официјалните профили на Белата куќа и кабинетот на рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ.
Што открива истражувањето „Твитдипломаси“?
Токму во тој контекст на оваа тема дали политичарите ја користат социјалната мрежа Твитер и за тоа колку се тие активни, неодамна беше објавено и истражување, насловено „Твитдипломаси“, во кое се наведува дека постојат повеќе од 900 твитер-профили на шефови на држави и влади во светот. Студијата покажува дека од официјалните профили на државници што го користат Твитер најмногу профили има на шефови на влади и на министри за надворешни работи. Според истражувањето, по бројот на следбеници, на првото место се наоѓа Доналд Трамп, со 72,9 милиони следбеници, и е државник што е најпопуларен на Твитер. Зад Трамп, на светско ниво на второто место се наоѓа папата Франциск, со 18,1 милиони следбеници. Според „Твитдипломаси“, папата Франциск има профили на девет јазици и со тоа тој ја пренесува својата порака пошироко. Споредено со светот, во Европа пак на Твитер најдобро котира францускиот претседател Емануел Макрон, со 4,5 милиони следбеници, а на второто место на листата е британскиот премиер Борис Џонсон, со околу 1,5 милион следбеници. Германската канцеларка Ангела Меркел нема официјален твитер-профил, но, сепак, таа е застапена на социјалната мрежа од нејзините пиар-служби.
Американската и руската амбасада најактивни на Твитер во Македонија
Американската и руската амбасада се едни од најактивните дипломатски претставништва во земјава на социјалната мрежа Твитер. Двете амбасади речиси секојдневно објавуваат свои ставови за случувањата во земјава на оваа социјална мрежа, а најинтересната нивна преписка се случи неодамна за скопскиот воздух. Имено, американската амбасада на Твитер неодамна побара предлози за намалување на загадувањето во главниот град, каде што руската ѝ одговори со зајадлива и духовита провокација. Паралелно на овие две, и амбасадите на Франција, Холандија и ЕУ во земјава се доста застапени со своите ставови на Твитер и Фејсбук, но и на Инстаграм.