Карикатура: „Нова Макдеонија“

Најновите провокации доаѓаат од соседна Бугарија, каде што и Слави Трифонов, но и Бојко Борисов, лидери на двете партии што освоија најмногу гласови на тамошните парламентарни избори, Македонците отворено ги нарекуваат „северномакедонци“.
Македонското МНР постојано реагира на ваквите објави, но повеќе од јасно е дека тоа се претвора во сизифовска работа, од која прашање на време е кога ќе се откаже

Атина и Софија добро синхронизирани за девастирање на именскиот, идентитетскиот и историскиот идентитет на македонскиот народ

Во последно време зачести употребата на придавката „северномакедонски“ во именувањето на народот и јазикот во Македонија, со што повеќе од јасно е дека станува збор за добро осмислен процес на наметнување нов идентитет на Македонците што би произлегол од новото име на државата. Кај дел од европските јазици придавката „северномакедонски“ доаѓа природно од зборообразувањето, но и онаму каде што тоа не е случај, сè почесто се оди на употребата на терминот „северномакедонски“ во означувањето на луѓето, идентитетот и јазикот што потекнуваат од овие простори.
Неодамна португалска државна секретарка го именуваше македонскиот јазик како „северномакедонски“, а првите луѓе на ФФМ на страницата на УЕФА беа именувани како „северномакедонци“. Сите овие работи со остра интервенција на македонските власти подоцна беа исправени, но загрижува зачестеноста на ваквите „лапсуси“, кои малку веројатно е дека се случајни.

Оптимизмот ни го претвораат во песимистичко суштествување

Најновите провокации доаѓаат од соседна Бугарија, каде што и Слави Трифонов, но и Бојко Борисов, лидери на двете партии што освоија најмногу гласови на тамошните парламентарни избори, Македонците отворено ги нарекуваат „северномакедонци“.
Македонското МНР постојано реагира на ваквите објави, но повеќе од јасно е дека тоа е сизифовска работа, од која прашање на време е кога ќе се откаже.
Добар дел македонски интелектуалци и научната фела предупредуваа дека со прифаќањето на Преспанскиот договор и растегливоста на неговата содржина и форма, во пакет со неговото различно толкување од страна на соседите, односно меѓународната заедница наспроти нас, сѐ повеќе во практиката се зацврстува впечатокот дека не се зачувува македонскиот идентитет, туку дека се наметнува, па дури и креира нова нација на Балканот.
– Во тек е инженеринг или вештачко конструирање нова северномакедонска нација, која како вештачка конструкција, творба без корен, ќе се распадне, многу брзо. Оттаму ние сѐ почесто, од ЕУ-институциите и од другите наши сојузници, добиваме документи во кои се зборува за северномакедонски јазик и/или за неговото бугарско потекло – смета академик Љупчо Коцарев.
Според него, дури Македонија некогаш и да влезе во ЕУ, иако лично тој смета дека никогаш нема да се случи тоа, ние по Преспанскиот договор би влегле во Унијата без националност, само како граѓани.
Тој додава дека Македонците не треба да стравуваат од непочитување на Преспанскиот договор, туку да продолжат да пишуваат и зборуваат за Македонија и за македонското.

Елементите со кои се идентификуваат обидите за формалноправна промена на идентитетот на Македонците веднаш да се отфрлат

Професорот по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, смета дека Грција со Преспанскиот договор, всушност, прави обид за реструктурирање на идентитетот на Македонците, а сега тоа го продолжуваат и Бугарите.
– Идентитетски договори, со кои се прави обид да се промени националниот идентитет на другата преговарачка страна, без исклучок, секогаш претставуваат обид за наметнување нов идентитет според политичкиот интерес на својата страна и оттаму таквите договори се нелегални, без исклучок. Таквите акти инсталираат вештачки или туѓ идентитет, спротивно суверените права на држава – вели Јанев.
Професорот Јанев има став дека за тоа мора да се свесни граѓаните а уште повеќе и избраните државни функционери. Таквите тенденции мора да бидат демаскирани и брзо и конкретно задолжително мора да се реагира, во смисла дека треба да бидат блокирани сите обиди на кој било начин некој да ни се наметне друг и нов идентитет. Во таа смисла, тој од правна гледна точка тврди дека секој „идентитетски договор“ со кој се инсталира политичкиот идентитет што по природа не е изворен, а со тој факт не е легитимен, може еднострано дипломатски да се раскине со писмо или дипломатска нота до другата страна.
И за Наташа Котлар, научна советничка и професорка на Институтот за национална историја, во тек е процес на создавање нова нација.

– Сега е во процес градење нов национален идентитет, дека сме ние „северномакедонци“. Она од што најмногу се плашевме и на што алармиравме пред потпишувањето на Преспанската спогодба, тоа се случи. И грчката и бугарската страна се добро синхронизирани и тоа значи сериозно нагризување на именскиот, идентитетскиот и историскиот идентитет на македонскиот народ. Мислам дека тие сите сфаќаат оти ова е добар период, во кој на сите можат да им кажат дека ние не сме Македонци, туку „северномакедонци“ – вели Котлар.
Според неа, единствен начин за одбрана од креирањето нова нација е свесно лидерство, на кое во преден план ќе му бидат националните интереси.
– За да се одбраниме од ова, ние најпрво треба да имаме свесно лидерство, коешто ќе ги има предвид националните интереси. Кога зборувам за националните интереси, мислам на согласноста на целата народна популација во државата и надвор. Тоа е национална. Ова што сега го имаме е една партиско-политичко определба којашто е власт. Мислам дека процесите за одбрана на македонизмот подразбираат јакнење на националниот суверенитет, меѓутоа со друго политичко раководство. Тука не мислам на оваа или онаа партија, туку раководство што ќе биде верно на националните и на државните интереси, а не на партиските. Единствениот пат е во јакнење на националната сувереност на населението, но истовремено треба да се бараат и други опции – порачува професорката Котлар.


Заев: Ние сме Македонци и секој друг назив повредува!

Премиерот Зоран Заев неодамна реагираше на провокациите од Слави Трифонов, кој претендира да биде иден премиер на Бугарија и кој македонските граѓани ги именуваше како „северномакедонци“.
– Веднаш реагирам, еве, јавно, не е во ред до секој претседател на политичка партија да испраќаме реакции, но ако треба, и тоа ќе го правиме. Ние сме Македонци, кои зборуваат македонски јазик од Република Северна Македонија. Верувам дека се работи за незнаење, бидејќи се работи за две пријателски земји што никојпат немале проблем и секојпат сме биле нарекувани Македонци што зборуваат македонски јазик… Уште еднаш да искоментирам, кога некој нѐ нарекува тоа што не сме, тогаш тоа повредува. Очекувам да се коригира, затоа што е претседател на политичка партија што освои гласови, а должност ни е да градиме пријателства и добри односи – истакна Заев.