За да се дојде до вистинско општествено помирување, во политичките сфери треба да постои одговорност, која подоцна би се прелеала и во функционирањето на општеството. Сѐ додека се остава впечаток во јавноста дека можеш да направиш нешто противзаконски и притоа да не бидеш санкциониран, се создава слика со контраефект, односно нови поделби во општеството, тврдат експертите
Предлогот за целосна амнестија за сите обвинети во настаните во Собранието на 27 април 2017 година, поднесен од опозицијата, вчера не го доби потребното мнозинство во парламентот за да биде ставен на дневен ред на 66-та пленарна собраниска седница. По ваквиот развој на настаните за евентуална амнестија ќе решава координативното тело, односно Комисијата за помирување, која, како што најави Владата, треба да предложи решение во Собранието во деновите што следуваат. Иако поднесувачите од ВМРО-ДПМНЕ на предлог-законот за амнестија бараат ослободување на сите осомничени, обвинети и осудени, со стапувањето во сила на законот „за национално помирување и враќање на нормалните текови во државата“, новонастанатата ситуација, според познавачите на состојбите, тешко дека ќе придонесе за помирување на крајно поделените политички опоненти, но воопшто и кај разделеното општество. Тука се наметнува и дилемата колку е можно преку комисија составена од неколку пратеници и без учество на опозицијата да се дојде до едно такво општествено, национално и секакво друго помирување. Дотолку повеќе што во политичката јавност, но и во исказите на политичарите, многу често се мешаат поимите помирување и амнестија и се испреплетува политиката со правото. Кој за што треба да се помирува, што се подразбира под амнестира, за кого и за што ќе се однесува тоа итн.
Ваквата слика за собраниските комисии во исто време наидува на реакции и кај дел од јавноста и познавачите на состојбите што сметаат дека за одредени суштински теми за државата и граѓаните се неопходни многу поквалитетна и посеопфатна дебата и анализа отколку брза постапка и одлука на адхок-тело, составено од неколку пратеници односно политичари. За да се дојде до вистинско општествено помирување, професорот Јове Кекеновски смета дека во политичките сфери треба да постои одговорност, која подоцна би се прелеала и во функционирањето на општеството. Сѐ додека се остава впечаток во јавноста дека можеш да направиш нешто противзаконски и притоа да не бидеш санкциониран, се создава слика со контраефект, односно нови поделби во општеството.
– Прво, ова не се комисии за помирување туку за замајување и за самоослободување. Какво помирување можат да направат тие комисии кога пратениците, односно политичарите гледаат да си ја спасат сопствената кожа. Тие работат на таков закон што ќе можат да бидат ослободени од гонење, што, пак, е услов за туркање на уставните измени во Собранието. Не е дозволено во една држава, особено правна каква што сакаме да имаме ние, пратениците да бидат вклучени во одбори и тие сами да се ослободуваат. Следно, наместо да направат помирување, тие со ваквите чекори ќе направат уште поголеми поделби и разделби во општеството. Граѓаните, без разлика дали се Македонци, Албанци, Срби, Роми или друго, не ги интересира ништо околу тоа, односно ги интересира дали оние што направиле кривично дело ќе добијат казна односно санкција. Со ваквиот чекор и дефинитивно ќе се изгуби докрај оној кредибилитет кај гласачкото тело, односно ќе останат политичарите да ги поддржуваат најзакоравените гласачи, кои на крајот и не ја менуваат многу сликата на изборите – заклучува Кекеновски.
Од друга страна, за политичката мотивираност или неопходност за власта од донесување закон за амнестија, поради одржување на двотретинското парламентарно мнозинство, политичкиот аналитичар Сашо Клековски смета дека владејачката СДСМ со тоа влегува во двојна контроверзност.
– Неприфатливоста (на амнестијата) е уште поголема меѓу симпатизерите на СДСМ и изнесува над 80 проценти. СДСМ дојде на власт меѓу другото и со ветување правда („Нема правда, нема мир“). Поради тоа политичкиот ризик мораше да го преземе лично премиерот Зоран Заев, кој јавно потврди дека ќе има амнестија. Наспроти јавното и партиското мислење, Зоран Заев ја има обврската за спроведување на спогодбата со Грција, за што се потребни гласови од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои, стана јасно, може да се обезбедат само на „балкански начин“ (според комесарот Хан), а тоа е со планот „амнестија за име“. Колку и да даваат спротивни изјави осумтемина пратеници, јасно е дека клучната мотивација за нивните одлуки се ветувањата за амнестија. Контроверзноста на амнестијата е двојна: од една страна е спротивна на заложбите на СДСМ за крај на неказнивоста, а од друга страна ја јакне перцепцијата кај опозицијата дека повеќето случаи се намерно креирани да се врши притисок врз опозицијата и нејзините пратеници и дека станува збор за политички прогон – вели аналитичарот Сашо Клековски.
Во меѓувреме, за среда е закажан првиот состанок на координативното интерпартиско тело за помирување. Терминот бил договорен на вчерашната редовна координација на координаторите на пратеничките групи со претседателот на Собранието, Талат Џафери. На средбата единствено не присуствувал координаторот на ВМРО-ДПМНЕ. За потсетување телото за помирување треба да го подготви предлогот за амнестија за организираниот напад на Собранието на 27 април. Според досегашните најави, ќе се разгледуваат правните можности како да се направи селективна амнестија, како што ја најави премиерот Зоран Заев. Во координативното тело за помирување не учествува ВМРО-ДПМНЕ, а од движењето Беса и од Алијансата за Албанците изјавија дека нема да делегираат свои претставници.
Пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов, вчера објаснувајќи го ставот на владејачката партија во врска со тоа што е прифатливо за нив во однос на помирување и амнестија на учесниците на овој настан, истакна дека треба да се направи разлика помеѓу оние што нарачале и оние што извршиле насилство и оние што биле во еуфорија во Собранието за време на настаните од 27 април.
Тој очекува во најскоро време од страна на пратениците од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ да произлезат, како што кажа, „насоките и формите за тоа како би се случувало помирувањето“.