Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сите овие протести се случуваат во време кога паралелно во Собранието се одвиваат повеќе процеси поврзани со усвојувањето на уставните измени за имплементација на спогодбата од Мала Преспа и со подготвувањето закон за помирување, односно амнестија од страна на собраниската комисија

Во текот на оваа седмица, односно од утре (среда, 28 ноември) најавени се протести од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а за 1 декември, в сабота има најава за протест на граѓанската иницијатива „Македонија блокира“. Причината и организацијата на двата протеста е навидум различна, но и за двата се наведува дека се реакција на постапките на власта. ВМРО-ДПМНЕ во својата објава за излегување на улица, вели дека таквата нивна реакција е „резултат на најмонструозниот процес во историјата на нашата земја, против луѓе чиј единствен грев е љубовта кон татковината“. Односно, протестот на опозициската партија ќе се случи на годишнината од приведувањето на лицата обвинети за тероризам, поради настаните на 27 април, минатата година во Собранието.

– Ќе протестираме и за даноците, и поради загадувањето, и поради прогонот и политичкиот притисок, и поради менувањето на името и поради немањето откуп на јаболка и тутун. Ќе го кренеме гласот пред да биде предоцна. Ќе протестираме поради секоја неправда направена врз секој еден граѓанин – вели Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, причината за протестот на граѓанската иницијатива „Македонија блокира“ е процесот на уставните промени што веќе тече во Собранието. Токму на 1 декември ќе почне пленарната седница за усвојување на амандманите на Уставот, со кои би требало да се имплементира спогодбата од Мала Преспа. Организаторите имаат дури и категорична намера „откако ќе почне протестот нема враќање дома до конечното распуштање на Собранието и распишување предвремени избори без Зоран Заев како премиер“.

Претходно на 18 ноември веќе се одржа протест пред Собранието, во организација на движењето „Бојкотирам“. Со паролата „Бојкотирам уставни промени“, беше побарано запирање на постапката за уставни измени, поништување на спогодбата од Мала Преспа, трајна заштита на името на Македонија… Учесниците на протестот се изјаснија против нелегалната промена на името и бришењето на АСНОМ од преамбулата на Уставот, бараат оставка на Владата, распуштање на Собранието, вонредни парламентарни избори, како и да не се повторат настаните во Собранието од 27 април минатата година…

Сите овие протести се случуваат во време кога паралелно во Собранието се одвиваат повеќе процеси, кои на некој начин се поврзани со усвојувањето на уставните измени до целосна имплементација на спогодбата од Мала Преспа (расправа за амандманите на Уставот, подготвување закон за амнестија од страна на собраниско тело за помирување…). Од друга страна, се наведува дека од Собранието и од институциите, процесот за спроведување на договорот со Грција може да се пресели на улица.
– Не само протестите, туку и сите акции комбинирани со нив (блокади на главните сообраќајници и крстосници во Скопје и во сите градови низ Македонија, блокади на граничните премини…) треба барем да упатат апел да се вратиме на резултатите од референдумот од 30 септември, односно да се прифати фактот дека не беше постигнат цензус и не беше донесена одлука од граѓаните за референдумското прашање. Овој процес што сега се случува во Собранието и настојувањето да се протурка спогодбата од Мала Преспа е нелегитимен. Протестите претставуваат граѓански отпор и не знаеме со што се ќе резултираат – вели Солза Грчева, претседателката на партијата Глас за Македонија, која е дел од движењето „Бојкотирам“.

За разлика од Грчева, која верува во граѓанскиот отпор, политичкиот аналитичар Петар Арсовски на протестите гледа од друга перспектива.

– Со овие протести нема да се постигне ништо, бидејќи повеќето луѓе во Македонија се за евроатлантски интеграции. Иако на различните т.н. граѓански протести се јавуваат различни организатори, очигледно е дека тие ја имаат истата агенда како ВМРО-ДПМНЕ. А ВМРО-ДПМНЕ, како што ја губи политичката поддршка така ќе се радикализира. Сегашното раководство на партијата наместо да се дистанцира од поранешните политики на претходното водство, тие мислат дека со истите методи ќе ја освојат власта, но всушност самите се маргинализираат. Но до тоа сознание треба самите да дојдат. Со вакво однесување ВМРО-ДПМНЕ нема да биде влијателен партнер во политичките процеси – смета Петар Арсовски.

Според најавата за протестот на ВМРО-ДПМНЕ, забележливо е што менувањето на уставното име на државата е наведено меѓу другите причини, но не и како примарен мотив за излегување на партијата на улица.

– Всушност тоа е нивната стратегија веќе подолго време, да не се изјаснуваат отворено за уставните измени и спогодбата од Мала Преспа со намера за менување на уставното име на Република Македонија. Долго време не се изјаснуваа и пред одржувањето на референдумот. Но мислам дека веќе и внатре во партијата постои одредена движечка сила. Притоа не мислам само на раководството на партијата, туку на луѓето во неа, кои сѐ повеќе резонираат во насока на тој граѓански отпор. И на нашиот протест, што се одржа на 18 ноември, имаше и членови на ВМРО-ДПМНЕ – вели Солза Грчева, која е дел од движењето „Бојкотирам“.

Фото: Маја Јаневска-Илиева