Бројни делегации, од државните институции, од дипломатскиот кор во земјава, на политички партии, здруженија денеска на Мечкин Камен положија цвеќиња и се поклонија пред споменикот на ова историско место на кое со децении е централното чествување на 2 Август- Илинден и денот на Илинденското востание и Крушевската република. Годинава, почит на Илинденците им оддаде и делегацијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ предводена од претседателот Христијан Мицкоски. На народниот собир се обрати претседателот на собранието Талат Џафери, а се одржа и културно-уметничка програма, пренесува МИА.

Граѓание што беа на Мечкин Камен рекоа дека ја сакаат традицијата, сакаат достоинствено да се чествува најголемиот празник и им порачаа на политичарите повеќе да исполнуваат, а не само да ветуваат. Празникот го заслужува достоинството, како и Илинденците кои загинаа, поставувајќи ги темелите на нашата држава, ни рекоа анкетираните граѓани.

На народниот собир граѓаните со аплаузи  и скандирања ги пречекаа Илинденските коњаници кои од повеќе места од Македонија ги  продолжуваат илинденските традиции и им оддаваат почит на сите илинденци кои учествуваа во Илинденското востание. Коњаниците беа пречекани со песни и скандирањата „Никогаш Северна, секогаш Македонија“. Илинденските коњаници цело време до бината на Мечкин Камен упатуваа пораки за Македонија и Илинденците, а некои користеа и пиротехнички осветлувања.

Од друга страна, со негодување и свирежи беа пречекани делегациите на Собранието и на Владата кога пристигнуваа на Мечкин Камен.