Фото: Маја Јаневска-Илева

Со задоцонување од 2,5 часа, почна 143. собраниска седница на чиј дневен ред е разрешувањето на министрите за здравство и за информатичко општество и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу, како и Предлогот за именување на Илир Демири и Наим Бајрами на нивно место во овие два ресора.

Барањето за разрешување на Меџити и Алиу го поднесе вчера техничкиот премиер Талат Џафери кој е присутен на седницата.

Пред седницата прес-конференција во Собранието одржа координаторот на пратеничката група на АА Аднан Незири, а изјава даде и пратеникот од Алијанса за Албанците Халил Снопче.

Фото: Маја Јаневска-Илева

Незири информира дека Управниот совет на партијата едногласно одлучил Меџити и Алиу да бидат разрешени, а на нивно место да бидат назначени Илир Демири и Наим Бајрами. Како што рече Незири, Меџити и Алиу се однесувале спротивно на партискиот етички кодекс и дефинираните западно ориентирани вредности, а вчерашниот собир во Куманово, напомена, не бил легитимен. Снопче, пак, соопшти дека АА не побарала разрешување на Меџити и Алиу, како и дека членови на партијата кои не се согласуваат АА да оди на избори со опозицијата, преку Артан Груби сакаат да направат пуч во Алијанса за Албанците.

-Управниот совет на партијата одлучи дека Меџити и Алиу треба да бидат разрешени од должностите и едногласно предложи Илир Демири и Наим Бајрами да бидат назначени за нови министри. Демири е актуелен директор на клиничката болница во Тетово, а Бајрами е магистер по политички науки. Станува збор за две познати, угледни и докажани имиња за кои сме убедени дека чесно и професионално ќе ги извршуваат своите обврски во актуелната Влада. Овие предлози се во официјална процедура проследени до премиерот, за тој да ги предложи на гласање во Собранието – истакна Незири.

Фото: Маја Јаневска-Илева

Според Снопче, органите на АА стојат зад Меџити и Алиу.

-Денеска на седницата се предвидува да бидат разрешени Меџити и Алиу. АА не побарала такво нешто од Владата, односно од техничкиот премиер Џафери. Органите на АА стојат зад Меџити и Алиу, а тоа се докажа и синоќа, кога донесовме опдлука дека го поддржуваме повикот на нашиот претседател Таравари, на изборите да одиме со опозицијата. Кој го достави барањето до Џафери за разрешување на Меџити и Алиу, кое тело или орган на АА? Дали сега ДУИ ќе има двајца нови министри? Порачувам дека АА нема никаква обврска да ги почитува договорите со оваа влада, со СДСМ или некој друг – рече Снопче.

Барањето за разрешување на Меџити и на Алиу доаѓа откако тие го поддржаа претседателот на Алијансата за Албанците (АА) Арбен Таравари, кој најави дека на избори ќе оди со албанската опозиција, додека крилото на АА предводено од Зијадин Села најави дека на изборите за пратеници на 8 мај, АА треба да настапува самостојно.

Седницата почна со Предлог-законот за конфискација на имот во граѓанска постапка кој во моментов го образложува вицепремиерката Славица Грковска.

На 143. седница се и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, во прво читање и измените и дополнувањата на законите за урбанистичко планирање, за градење, за посебните права на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства, сите по скратена постапка. Собранието треба да се изјасни и за три граѓански иницијативи за референдуми.