Коле Манев

Илјада и триста години длабоко сме спиеле! Може да замислите колку долго време е тоа? Многу долго, ептен долго, речиси незамисливо. Во таков период тешко се бројат вековите, годините, месеците, неделите, а за деновите и другите ситни нешта да не зборуваме. Кога почнаа да фрчат тенкови и топови, во спиењето се завртевме на другата страна, ама кога почна голема и силна фрка, тогаш се разбудивме. Не можеше да се спие под такви неподносливи услови! Тогаш со само едно отворено око се уверивме дека станува збор за војна, не обична туку светска војна, другите војни што се случуваа во минатото не се толку битни, ова беше асли војна, како никоја досега, а нашиот источен сосед, кој играше споредна, но на некој начин важна улога во војната, токму тој нѐ разбуди од долгиот сон и ако не нѐ разбудеше, немаше да знаеме дека имало страшна војна, која го имаше зашеметено целиот свет, а нас нѐ плесна во едно бунило во кое не знаевме кои сме, од каде дојдовме и зошто толку долго спиевме. Ама соседите служат токму за таквите работи, кога по долг сон тие веднаш се тука да ни кажат кои сме, каде бевме и зошто толку долго се најдовме во длабок сон?

Дали може да прашам нешто, нешто што сериозно ми го мати умот, дали сите до еден спиевме, немаше некој буден што можеше да служи како стражар, па ако има некаква опасност, да ни удри по една клоца и да се разбудиме, а потоа, трезвени и со бистар ум да размислиме дали и ние, ако е потребно, да влеземе во војна?

Пријателе, ние бевме во војна, ама сега по војната се кажува, не знам од кои причини, дека со источниот сосед за време на војната не сме војувале, туку сме играле миженка, дури си ги менувавме и пушките демек добрососедска војна, просто кажано пријателска, ме разбирате?

Така се вели денес, ама за време на војната се војувало и убивало колку сакаш и како сакаш. Денешнава политичка структура не кажува дека сме војувале против нашиот источен сосед, од страната од каде што изгрева сонцето, плус соседот покажа разбирање и намерно нѐ остави толку долго да спиеме, илјада и триста години, знаете што значи тоа? А претседателот на нашиот сосед ни предочи, намерно нѐ оставиле да дремеме, за кога ќе се разбудиме и ни кажат кои сме и кому му припаѓаме, случајно да не ни се слоши и добиеме главоболка, кога долго се спие се може да се случи, скраја да е!

Добро, бре луѓе, пред војната не сме правеле ништо, никој не работеше, немаше барем еден што беше буден?
Слушајте, меѓу нас, се случувало вака, полубуден, демек во половина сон, ќе станеш, ќе разгледаш околу и пак ќе му се кутнеш! Се зборува во 1929 година некој Мартиноски и еден друг Личеноски отишле во Париз и таму направиле групна, заедничка изложба, уметничка изложба со уметнички слики и потоа, исто така во Париз, замислете во центарот на Европа, го нашле и нивниот колега и пријател Пандилов и сите заедно се дружеле со Французи сликари. Еј, можете да замислите во 1929 година, десет години пред да почне војната, овие нашиве шетале во Париз, примале од Французиве, ама и давале од нашата култура и традиција.

Од каде, па, ти ги знаеш овие работи, нели овие нашиве источни соседи велат дека сме спиеле сите, и тоа многу долго, тоа го потврдува и нивниот претседател Радев или како му беше името?

Од каде ги знам, еве имам каталог од изложба насловена ,,Сликарство Скопје-Париз“, во кој д-р Борис Петковски има забележано: „Сите тогашни македонски уметници ја споделуваа со многу француски и други творци во Европа желбата со синтеза на модерните поетики и ликовната традиција да се изгради модерна национална уметност“.

Чекај, чекај, пријателе, тие сликарите што д-р Петковски ги нарекува македонски уметници, тие кога и како отишле во Париз, пред или по војната?
Како отишле, отидоа пред војната, си ги ставија сликите под мишка, во воз и право во Париз. Тогаш немаше авиони како сега, немаше ниту автобуси за такви културни релации. Слушате какви настани беа тоа, во центарот на Париз и во срцето на Европа, дури д-р Борис Петковски во каталогот за изложбата што се случи во 1994 година, значи по војната, споменува и еден куп други македонски сликари што оделе и биле ликовно активни во Париз и во други европски градови. Еве, ги споменува Коџоман, Владимирски, Белогаски, потоа од наредните генерации Мазев, Кондовски, Драгутин–Гуте, Шијак, Петлески, Корубин, по нив се споменуваат и Чемерски, Луловски, Пенушлиски, Урдин, го спомнува дури и овој што го пишува текстот, дали се разбираме?

Ќе ми простите, ама мене пак нешто ми го измачува умот. Од една страна велиме дека тринаесет века сме спиеле, сѐ до доаѓањето на војната, кога источниот сосед нѐ разбуди и ни кажа кои сме и што сме, а тоа што ми го мачи умот е прашањето како е можно пред војната да сме во бунило од многу спиење, кога овие македонски сликари што ги споменува д-р Петковски токму пред војната живееја, твореа во многу европски градови, како Париз, Лондон или Рим, дури некои од нив прошетаа со своите сликарски дела и преку Атлантикот? Може да ми каже некој која е и каде е вистината, пред војната спиевме или е нешто друго? Ова прашање постојано ми го мати умот!
Пријатели, овие работи се многу сериозни, станува збор за висока домашна дипломатија, ова што ќе ви го кажам е добиено од проверени извори и станува збор за следново. На почетокот од писанието споменавме дека соседот во војната играл споредна улога, која набрзина стана неразумна бидејки соседот, знаете кој, станал сојузник и партнер на тие фашистите Мусо и Хитле, а знаете зошто? Да ја добијат Македонија и да ја стават во нивната замислена творба Сан Стефанија, за која и денес сонуваат, и мавтаат со Вето овде, Вето таму. Само ова нека остане меѓу нас, сепак соседи сме!

Сега и мене почна да ми се мати умот! Сериозно сакам да знам дали навистина ние спиевме толку години или соседот спиел?
Луѓе, да не си играме играчки. Значи, соседот пред војната играл мрсна игра, за време на војната убиствено лоша, по војната умилкувачка. Денес повторно грешат, пак се втурнаа во таа Сан Стефанија и секогаш кога го прават тоа губат глава и повторно им се присторува како да соработуваат со Мусо и Хитле! Тоа е пропаганда, кој може да спие толку векови? Тој нивниот претседател си измислува приказни за мали деца, соседот во одреден период од тоа време не ни постоел, ама тоа ти е! Само ве молам пст, сепак соседи сме.

И јас сакам да поставам едно прашање. По војната, што правеше нашиот сосед? По војната, соседот прво им се умилкуваше на победниците од војната, потоа за да си ги прикрие и испере гревовите направени за време на војната, почна повторно со политички грешки да влегува во творештвото и нашиот сосед прифати и дозволи во неговиот културен простор да завладее прагматичниот политичко-идеолошки диктат на социјалистичкиот реализам, од кој и денес некои ликовни творци од нашиот сосед не можат да се ослободат. За тоа време, според д-р Петковски, македонските уметници откако ја ,,одболуваа Европа“ умееја со нов дух, со сознајно и емоционално продлабочен пристап, да ја освојат и сопствената ликовна традиција; а и уметноста на сите простори и времиња. Сега, дали ви е јасно за што зборуваме?

Јас имам уште едно прашање, се разбира ако дозволувате. Прашањето е што прават денес нашите политичари, наспроти сите премрежиња во кои се наоѓаме, тоа е моето прашање. Пријателе, прашањето ти е на место, нашите политичари спијат, откако се дојдени на власт, цело време дремат, ама нивниот сон ќе трае кратко. На следните избори, кога и да се случат, граѓаните ќе ги фрлат како валкана крпа, која никому не му е потребна. Сега се џилитаат со ,,Ние сме Европа“? Ако ги прашате за времето во кое во Европа дејствувале Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Пандилов, Корубин, Мазев или Петлески и друга голема група значајни дејци од сите други творечки области, кои ја приближија Европа кон Македонија и обратно, нема да знаат да ви кажат! Сегашнава власт знае само за тендери и милионски суми евра…!