Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дневни економски вести

Зголемување на ставката плати во јавниот сектор за 4,25 милијарди денари, дополнителни 3,5 милијарди денари за раст на пензиите, дополнителни 800 милиони денари за земјоделски субвенции, дополнителни средства за здравството и образованието. Ова се само дел од проекциите предвидени со одлуката за прераспределба на годинашниот буџет што ја донесе Владата на вчерашната седница.

Како што соопшти министерот за финансии Фатмир Бесими, одлуката ќе биде доставена од страна на службите до Собранието. Бесими подвлече дека не станува збор за ребаланс, бидејќи до крајот на годината се очекува реализација на приходната и расходната страна во ист номинален износ, како што е проектирано со буџетот за 2023 година. Следствено, како што дополни министерот, и буџетскиот дефицит останува ист, односно 4,2 отсто од БДП, што ја докажува посветеноста кон постепена фискална консолидација.
– Предлагаме прераспределба, а не ребаланс. Приспособувањата се направени преку реалокација на средствата од позиции каде што има послаба динамика и каде што процесите дозволуваат да се направат прераспределби, кон позиции каде што преземавме обврски – како покачување на платите во јавниот сектор и исплата на К-15, ново покачување на пензиите за пензионерите, повеќе средства за социјална помош, за набавка на лекови, за субвенции за земјоделците, како и за деветтиот пакет на антикризни мерки што Владата наскоро ќе го објави. Направени се приспособувања кај некои од капиталните проекти во согласност со тоа што го дозволува динамиката на нивната реализација, притоа напоменувам дека не се отфрла ниту еден капитален проект, како и дека капиталните расходи остануваат на повисоко ниво од буџетскиот дефицит, односно во согласност со златното правило во финансиите – да се позајмува само за инвестиции и развојни цели – истакна Бесими.

Тој детално ги образложи проектираните прераспределби. Ставката плати во јавниот сектор се зголемува за 4,25 милијарди денари, и тоа околу три милијарди денари за зголемување на платите за 10 отсто од септември 2023 година и исплата на регрес за годишен одмор во висина од 10.000 денари во нето-износ, во согласност со одредбите од Општиот колективен договор.
– Од овој износ, околу 1,4 милијарда денари се за 50.000 вработените на централно ниво и фондовите, 1,1 милијарда денари се за 36.000 вработените на локално ниво и 500 милиони денари се за 20.000 вработените во здравствените установи. Односно, вкупно за 106.000 вработени во јавниот сектор. Гледано во структура, околу 1,8 милијарда денари се за зголемување на платите за исплата на преостанатите плати годинава, додека околу 1,2 милијарда денари се за исплата на регрес за годишен одмор. За покачувањата на платите на 1.000 функционери, односно 450 судии, 150 обвинители, 120 пратеници, 50 правобранители, владини функционери министри, директори се предвидени 720 милиони денари. За усогласување на платите со порастот на минималната плата во текот на 2023 година се предвидени 480 милиони денари – информира Бесими.

Тој додава дека се обезбедуваат и дополнителни 3,5 милијарди денари за 336 илјади пензионери за пораст на пензиите за околу шест отсто, почнувајќи од септември 2023 година.
– Се дообезбедуваат и 600 милиони денари за редовно сервисирање на обврските кон вториот пензиски столб. Притоа, за исплата на социјалните права за 36.000 корисници на гарантиран месечен приход се планирани дополнителни 600 милиони денари, а ова зголемување се должи по основа на повисока реализација заклучно со август. Кај земјоделските субвенции се алоцирани дополнителни 800 милиони денари наменети за субвенции за млеко, сточарско производство, дел и авансно финансирање на земјоделците за растително и сточарско производство. Исто така за Агенцијата за храна и ветеринарство за справување со африканска чума на фарма агрија на 9.151 грло се планирани неопходните 110 милиони денари – нагласи Бесими. Е.Р.