Апсурд: Куповната моќ на граѓаните опаѓа наспроти покачувањето на платите - Фото: Игор Бансколиев

Реален одраз во огледало на реалниот животен стандард во Македонија

Растот на реалната плата е многу помал од растот на номиналната плата, а може да се случи кога инфлацијата е поголема од растот на номиналната плата и добиваме пониска реална вредност на платите. Тоа најдобро може да се прикаже со податокот колку килограми одреден производ сме можеле да купиме со претходната плата, а колку со новата навидум зголемена плата

Просечна плата во Македонија, според последниот извештај на Државниот завод за статистика, за јуни 2023 година, е 36.572 илјади денари, но најголем дел вработени во земјава земаат плата под просекот, реалната просечна плата е многу пониска.
Податоците од извештајот на ДЗС велат дека за една година платата во земјава е зголемена речиси за 15 отсто. Ваквото зголемување, според статистичарите, е пред сѐ поради високите плати на функционерите и програмерите, па просечната плата достигна над 36 илјади денари. Економистите велат дека средната плата сепак е многу пониска од она што се прикажува, што создава илузија дека животниот стандард на граѓаните се зголемил и покрај поскапувањето на храната.
– Просечната плата ги носи карактеристиките на секој „просек“ и не ги одразува вистинските состојби. Затоа во последно време наместо „просечна“, се користи „медијална“ плата, која е многу пореална и се добива како „средна“ плата, каде што половината од вработените земаат под, а половината над таа плата. Затоа медијалната плата е многу пониска од просечната и ја одразува вистинската „средна“ плата – објаснува Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија.

Тој посочува дека вистината за реалната плата е ако при разните споредби што ги правиме, номиналната плата ја коригираме за индексот на растот на трошоците на живот т.е. инфлацијата.
– Во тој случај ќе се види дека растот на реалната плата е многу помал од растот на номиналната плата, а може да се случи кога инфлацијата е поголема од растот на номиналната плата и добиваме пониска реална вредност на платите. Тоа најдобро може да се прикаже со податокот колку килограми одреден производ сме можеле да купиме со претходната плата, а колку со новата навидум зголемена плата – истакнува Димитров.

Според него, ако започне трка помеѓу платите и инфлацијата т.е. растот на цените – по правило, платите ја губат трката, а тоа е така најверојатно поради фактот на „очекуваната“ инфлација, која производителите и трговците ја вградуваат во цените на производите, од страв дека новонабавените суровини или производи ќе бидат со повисоки цени и ќе дојдат во ситуација со добиените пари од сегашната продажба да не можат да купат исто толку производи во следниот циклус.
– Но едно е јасно, за да имаме поголем стандард, мораме да имаме повисока продуктивност т.е. повеќе да произведуваме и да даваме повеќе услуги, како на домашниот така и на странските пазари. Сите нереални покачувања на платите на долг рок ќе предизвикаат инфлација, која во вид на „невидлив данок“ ќе ни го земе незаработеното. Кога зборувам за продуктивноста, не мислам само на поголемо ангажирање на вработените, туку на употребата на повисока технологија, автоматизација и дигитализација, кои можат да влијаат на зголемувањето на продуктивноста – укажува Димитров.

Економистите укажуваат дека поскапувањето на храната е многу големо, поради што растот на платите не го подобрува животниот стандард на граѓаните.
Економистот Здравко Савески вели дека просечната плата е просек од сите плати, просек на платите од 20.000 денари и 20.000 евра месечно и секогаш е можно платите на работниците да останат исти, а платите на директорите да растат, па тоа да резултира со пораст на просечната плата и со илузија дека ни се подобрувал животниот стандард.
– Просечната плата е просек од сите плати што се исплатени, а не точка на пресек под која се 50 отсто од вработените и над која се другите 50 отсто од вработените. Фактички, над 85 отсто од вработените земаат плати под износот на просечната плата, а над неа земаат помалку од 10 отсто од вработените, заедно со работодавците. Номиналниот пораст на минималната плата не е главниот фактор што го зголемува номиналниот пораст на просечната плата.

Најдобар показател е што минималната плата беше замрзната 12 месеци, а во текот на тие 12 месеци просечната плата се зголемуваше. Ако на едната страна од просекот ги имате платите само на 10 отсто од вработените и работодавците, а на другата страна платите дури на 85 отсто од вработените, тогаш самите овие бројки кажуваат дека порастот кај платите на привилегираните 10 отсто силно го влече просекот на платите нагоре – појаснува Савески.