Македонското знаме инспирација за најмалите ученици во општина Аеродром - Фото: Општина Аеродром

КАКО СЕ ОДБЕЛЕЖУВА 8 СЕПТЕМВРИ, ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА НА МАКЕДОНИЈА

Со оглед на тоа што се тазе ученици, па сѐ уште не знаат да пишуваат, првачињата го цртаа знамето на Македонија, а кога им завршија часовите, видно возбудени раскажуваа што научиле за татковината. „Денес е роденден на нашата татковина“, „Денес го цртавме знамето, тоа е сонцето што ја грее Македонија“, им раскажуваа првачињата на своите родители. Осми септември се одбележуваше и во градинките. Иако мали дечиња, сите тие на свој начин го одбележаа Денот на независноста. Оние малку поголемите учеа песна за Македонија, а помалите го боеја македонското знаме

Годинава Македонија прославува 32 години независност, откако во 1991 година граѓаните на овој датум, со убедливо мнозинство, позитивно одговорија на референдумското прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“. Според официјалните податоци, од запишаните 1.495.626 гласачи, на референдумот излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани што гласале на референдумот, позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани, односно 95,09 проценти. Референдумот поминал мирно, бил оценет како масовен, а му претходела декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски парламент ја усвоил на 25 јануари 1991 година.

КОЛКУ И ДАЛИ ДОСТОЈНО ЧЕСТВУВАМЕ И ПРОСЛАВУВАМЕ

Денес е денот на независноста на Македонија, државен празник што се празнува во земјава секој 8 септември токму во чест на денот кога државата излезе на референдум. На овој ден ги празнуваме сувереноста, независноста и самостојноста на нашата држава.

Оттука, денот ни беше повод да регистрираме како се одбележува празникот низ државата, низ неколку примери – во училиштата и градинките, дали на улиците се веат државни знамиња, но и генерално дали и како воопшто ги празнуваме овие значајни денови за нашата држава. Колку му се посветува внимание на патриотизмот кога станува збор за државните празници, како се чествува нашата славна историја, херојските настани и личности и колку се негува тој дух кај најмладите, кои и се иднината на нашата држава?

Празникот е убав повод да се навратиме уште еднаш на патриотизмот, како еден од најважните елементи што ги држат граѓаните сплотени во една земја. Тој е двигателот на една нација, суштината на битисувањето на еден народ.

Имено, вчера, традиционално, по повод 8 Септември, Денот на независноста на Македонија, во касарната„Илинден“ во Скопје се изврши почесна артилериска стрелба со истрелување 10 плотуни од шест артилериски орудија, од состав на артилерискиот баталјон на армијата.

За граѓаните ќе бидат бесплатни влезовите во сите музеи и заводи за заштита на спомениците, галерии, конзерваторски центри, спомен-куќи и археолошки локалитети низ целата држава. Некои од општините организираа самостојни настани за одбележување на овој ден.

Генерално, граѓаните сакаат одбележувања на денови од славната национална македонска историја, организирани достоинствено, со дигнитет и почест на нашите славни предци.

Во тој контекст, на организираните настани се очекува и масовна посетеност од граѓаните, кои продолжениот споен викенд одлучиле да го поминат во земјава. Како и досега, многумина ќе заминат некаде на продолжен викенд, некои ќе заминат на прошетка низ земјата, а други ќе останат во своите домови и ќе ги посетат настаните организирани за одбележување на овој ден. Но, од нашите разговори со стотина граѓани низ земјава, сите анкетирани со задоволство и почит го третираат 8 Септември како државен празник, но и со суштинска забелешка дека иако сите длабоко во себе го чувствуваат како нешто неразделно од своето битие, дека во иднина таквото чувство треба да проектира широко заедништво, сплотеност, единство по прашањата што нѐ врзуваат заедно: историски, културолошки, јазично, национално и државотворно…

ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА ВО УЧИЛИШТАТА

Со оглед на тоа што е неработен ден, во училиштата и во градинките дечињата учеа за овој празник еден ден претходно. Во согласност со програмата, секое училиште и одделение, на свој начин го одбележа Денот на независноста на Македонија.
И од она што успеа да го истражи нашата екипа, во училиштата му се посветува големо внимание на овој ден. Некаде со цртежи, некаде со стихотворби, наставниците заедно со учениците го одбележаа Денот на независноста – 8 Септември. Во скопското училиште „Григор Прличев“ празникот беше одбележан со достојна програма.

По пристигнувањето на учениците во училиште,то на училишниот разглас наставничката по историја имаше пригоден реферат за овој голем ден за Македонија. Беше интонирана химната на Република Македонија, а потоа секое одделение, во зависност од возраста на учениците, но и во согласност со програмата, учеше историски факти за Денот на независноста.

Со оглед на тоа што се тазе ученици, па сѐ уште не знаат да пишуваат, првачињата го цртаа знамето на Македонија, а кога им завршија часовите, видно возбудени раскажуваа што научиле за татковината.

„Денес е роденден на нашата татковина“, „Денес го цртавме знамето, тоа е сонцето што ја грее Македонија“, возбудено им раскажуваа првачињата на своите родители.
Празникот се одбележуваше и во градинките. Иако мали дечиња, сите тие на свој начин го одбележаа Денот на независноста. Оние малку поголемите учеа песна за Македонија, а помалите го боеја македонското знаме.


Македонски знамиња и знамиња на малцинствата по должината на булеварите

На градските улици, ден претходно, веќе почнаа да се забележуваат развиорените знамиња. Улиците во Бутел и во Чаир вчера околу пладне беа украсени со државното и со знамето на албанското малцинство. Во другите општини низ земјава украсувањето се одвиваше во текот на денот. Според досегашното искуство, подготовките за денот се реализираат во попладневните и вечерните часови.

Меѓутоа, далеку од тоа дека секоја година државните празници поминуваат без скандали. Напротив, честопати во минатото се случуваше некаде да осамнат само албански знамиња и покрај тоа што се одбележуваше празник на Македонија. Сега, неколкугодишното искуство на луѓето со кои ние се консултиравме, вели дека државните симболи ниту една година не изостануваат во Кичево, Тетово, Гостивар и во Струга. Во овие градови, покрај знамето на Македонија, се виори и знамето на Албанија.

Според жителите на Гостивар, покрај македонското и албанското знаме, се вее и турското знаме, бидејќи Турците се една од најмногубројните малцински заедници во оваа општина.

Особено радува фактот што голем број граѓани го веат македонското знаме на своите куќи, во знак на одбележување на овој голем државен празник. Некои од жителите на Железара веќе ги имаат закачено државните знамиња, а исто е и во Сопиште, Бутел, Ѓорче Петров.

[email protected]