Првиот тираж на референдумските ливчиња грешно отпечатен и повлечен во последен момент

Куриозитети во пресрет на 8 септември 1991 година, низ историските сведоштва за настани пред 32 години

За пошироката македонска јавност останува недоволно позната една вистинска приказна, настан за кој не се зборува многу, но кој се пренесува како сеќавање на едно време од самиот почеток на осамостојувањето на македонската држава. Имено, референдумските ливчиња биле печатени во подрумските простории на македонското Собрание, каде што била сместена печатница за потребите на оваа институција и на државата. Но Тодор Петров, тогашен пратеник во македонското собрание, при посетата на печатницата забележал дека отпечатените гласачки ливчиња имале погрешна формулација од онаа што била усвоена од пратениците во македонското собрание. По молскавичната интервенција на пратеникот кај тогашниот претседател на Собранието, Стојан Андов, целиот тираж на отпечатени ливчиња бил уништени и биле отпечатени нови, со правилната формулација на референдумското прашање

Повеќемина универзитетски професори, експерти и аналитичари ја нагласуваат суштината на референдумот од 8 септември 1991 година, како отелотворување на повеќевековната македонска борба за сопствена држава, затоа честопати спомнуваниот референдум се именува и како трет Илинден. Тогаш македонските граѓани се изјаснија за суверена и самостојна држава Македонија, а на ливчињата за непосредно и тајно гласање пишуваше: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југocлавија“. Во извештајот на Комисијата за спроведување на референдумот, објавен во „Службен весник на Република Македонија“, беше констатирано дека 96,46 отсто од вкупниот број граѓани се изјасниле позитивно за референдумското прашање.

Процесот за формалноправно осамостојување на Македонија траеше 11 месеци, од јануари до ноември 1991 година, а референдумот беше лостот помеѓу Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија и Уставот на Република Македонија, со што се отвори ново поглавје во историјата на македонскиот народ.
Тоа е официјалниот дел од приказната поврзана со овој ден, кој засекогаш ќе остане забележан во македонската историја со златни букви. Меѓутоа, интересно е дека за пошироката македонска јавност останува недоволно познат еден податок, за кој не се зборува многу, но кој во усните преданија се пренесува како своевидна анегдота, како сеќавање на едно време во кое биле можни вакви непредвидени ситуации.

Згрешени референдумски ливчиња

Имено, референдумските ливчиња биле печатени во подрумските простории на македонското собрание, каде што била сместена печатница за потребите на оваа институција. Според сведоштвата на современиците, Тодор Петров, како тогашен пратеник во македонското собрание, при посетата на печатницата забележал дека отпечатените гласачки ливчиња имале погрешна формулација од онаа што била усвоена од пратениците во македонското собрание. На печатените ливчиња пишувало „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во сојуз на суверени држави на Југославија?“, односно со нечленувана форма на зборот „суверени“, иако требало да пишува „суверените“. По интервенцијата на Петров кај претседателот на Собранието, Стојан Андов, целиот тираж на отпечатени ливчиња бил уништени и биле отпечатени нови, со правилната формулација на референдумското прашање.

Од денешна перспектива, доколку внимателно се анализира оваа интересна анегдота од поновата македонска историја, на прв поглед може да се добие впечаток дека грешката што била направена нема суштествена природа, односно дека термините суверени и суверените се еднакви. Меѓутоа прецизниот израз значи и прецизно искажана мисла и цел. Аналитичарите и денес велат дека нечленуваната форма би значела и правно и политички нешто сосема друго и, во старт, тргнување на Македонија во сосема друга насока. Правниците често велат дека „ѓаволот е во деталите“, затоа што нештата можат да изгледаат едноставно, но деталите се комплицирани и честопати можат да предизвикаат тешки проблеми. Но, за можните последици, соговорниците нашироко и аргументирано ќе прикажуваат во друга пригода. Овој пат само накратко…

Каде се криела суштината на потенцијалната неволја? Првичниот предлог за референдумското прашање гласел: „Дали сте за суверена и самостојна држава Република Македонија, со право да стапи во сојуз на шест суверени држави на Југославија?“. Ваквата формулација предизвикала резерва кај пратениците во смисла дека набројувањето на југословенските републики во референдумското прашање може да ги поттикне албанските пратеници од Партијата за демократски просперитет (ПДП) да побараат шесте републики да бидат заменети со осум, односно со тогашните две покраини во Србија – Војводина и Косово и Метохија, како републики еднакви со Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Македонија.

На крајот споменатото прашање било расчистено со предлогот на тогашниот македонски пратеник Тодор Петров, кој предложил пред Македонија да не стои зборот Република, бидејќи името на државата е Македонија, ирелевантно од нејзиното републиканско уставно уредување, Република не е име на држава. Тодор Петров исто така предложил наместо зборот „суверени“, да стои зборот „суверените“, со образложение дека доколку и една република ја напушти Југославија, Македонија нема да остане во редуцираната федерација. Со членувањето на зборот „суверени“, според македонскиот правопис, се дефинираат субјектите, а Југославија има точно шест републики. Македонските пратеници го усвоиле единствениот амандман на независниот пратеник Тодор Петров и референдумското прашање ја добило својата конечна форма.

Доколку внимателно анализираме, грешката што била направена во собраниската печатница, односно доколку во референдумското прашање стоело „суверени“ наместо „суверените“ држави на Југocлавија, на директен начин тогашните покраини Војводина и Косово се изедначувале со југословенските републики и им се признавало нивното право на сувереност, односно државност. На овој начин можело да дојде до дополнително инстантно и многу потешко комплицирање на политичко-безбедносните односи помеѓу републиките, но и до влошување на односите помеѓу Македонија и Србија, нешто што можело негативно да се одрази врз идните настани.

Но во референдумското прашање од 8 септември 1991 година има уште еден суштествен детаљ на кој треба да се обрне внимание. Имено, во стенографските белешки од собраниската седница кога се дискутирало за референдумот, било укажано дека македонските граѓани треба да се изјаснат дали се за самостојна и суверена Република Македонија да пристапи во сојуз на суверени држави на републиките, а не за тоа дали граѓаните се за самостојна и суверена Република Македонија.

Оваа дискусија е особено интересна ако се земе предвид дека Македонија како држава најпрво е конституирана на Првото заседание на АСНОМ, нешто што е особено видливо во членот 1, во кој се вели: „Основајќи се на суверената волја и правото на самоопределение на народот на Македонија, чии верни толкователи се представителите во ова Собрание, а во согласие со решениата донесени на Второто заседание на АВНОЈ (Антифашистичкото веќе на народното ослободување на Југославија) во град Јајце – 29 ноември 1943 година – Антифашиското собрание на народното ослободуење на Македонија (АСНОМ) се конституира во врховно законодателно и исполнително представително тело на Македонија и (на) македонската држава, како равноправна федерална единица во демократска Федеративна Југославија.“

Со други зборови, Македонија најпрво била формирана како суверена држава, па дури потоа таа одлучила да стапи како рамноправна федерална република во Југославија. Д.Ст.