Кризната состојба во КПД „Идризово“ ќе трае 30 дена до 5 јули и таа е воведена согласно процедурите, како резултат на потребата од соодветен човечки потенцијал задолжен за чување и обезбедување на затворот, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Таа нагласи дека при прогласувањето на кризната состојба се запазени сите процедури, согласно предлог на Групата за проценка за потребата од прогласување кризна состојба во затворот.

– Во овој случај полицијата и мал број на припадници на Армијата, кои се во поддршка на припадниците на МВР, се ангажирани со цел да можат да се справат со состојбата, односно да не се дозволи евентуално ескалирање или нарушување на безбедноста на државата. Како институции, како министри, сите ние имаме обврска работите да ги превенираме односно да ги искористиме сите механизми кои ни стојат на располагање да не дојде до влошување на одреден состојби – изјави Петровска во Штип по презентацијата на новите лесни оклопни возила од опремата на Армијата во Касарната „Јане Сандански“.

Таа додаде дека од директорот на Управата за извршување на санкции е информирана дека е започната постапката за вработување на кадри во затворската чуварска служба, истакнувајќи дека припадници на Армијата ќе бидат ангажирани во обезбедување на затворот се додека се смета дека е потребно.

– Не правиме нешто што е надвор од нашите овластувања и мислам дека нема потреба од никаква паника, уште помалку од користење на оваа состојба за разни видови на политика, истакна Петровска, додавајќи дека согласно извештаите што ги добиваат ангажманот на армиските припадници вродува со плод.

Одлуката за прогласување кризна состојба во затворот „Идризово“ ја донесе Владата на почетокот на месецов за период од 30 дена, поради како што беше соопштено „спречување на безбедносни закани“.

Со Одлуката се утврдува „постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Македонија и тоа на подрачјето на Општината Гази Баба на кое Казнено-поправната установа „Идризово“ ја врши својата надлежност, заради спречување на безбедносните закани и зајакнување на обезбедувањето на установата“.

– Од органите на државната управа се бара да преземат мерки и активности согласно прописите за управување со кризи, а од Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК, да ги следи состојбите, да координира со активностите и редовно да ја информира Владата – соопштија од владината прес-служба при објавувањето на Одлуката.

Со прогласувањето на кризната состојба беше решено припадници на Армијата да бидат ангажиран за обезбедување на затворот, при што како што информираа од Кабинетот на шефот на државата Стево Пендаровски тие ќе бидат поддршка на полицијата и нема да имаат допирна точка со лицата кои се наоѓаат на издржување затворски казни.

– Ангажманот на припадниците на армијата ќе биде идентичен како и за време на ковид-19 пандемијата кога обезбедуваа надворешен периметар на стратешки важни објекти, а за кој ангажман јавноста имаше позитивно мислење – посочија од кабинетот на Пендаровски, додавајќи дека армиските припадници се ангажирани во рамките на одлуките донесени од страна на Групата за процена на безбедносни закани, како и на Управувачкиот комитет.

На ангажирањето на Армијата, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ кои обвинија дека е направен преседан и прашаа чија ќе биде одговорноста „ако дојде до судир меѓу затворениците и војниците“.