Фото: МНР

Македонија го отфрла мешањето и несоодветните забелешки од функционерите од соседството. Се залагаме за регионална стабилност и соработка, вклучително и со Србија и Косово, објави на Фејсбук профилот шефот на дипломатијата Бујар Османи, реагирајќи на изјавата на српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ, кој вчера изјави дека „Македонија и Црна Гора се огрешија кон Србија со признавањето на независноста на Косово“.

-Очекуваме појаснување од министерот за одбрана на Србија, додава Османи во објавата на Фејсбук.

Вучевиќ, меѓудругото, оцени дека постои голема меѓународна поддршка за создавање на Голема Албанија, нагласувајќи дека тоа не е прашање само за Србија, туку и за нејзините соседи.

– Дали нашите пријатели во Македонија спијат мирно? Дали спиете мирно? Тие мислат дека се во НАТО пактот и ги решиле своите проблеми со него. Тоа е мантрата и на Црна Гора и на Македонија. Кога станаа членки на таа колективна безбедност, односно НАТО Алијансата мислат дека си ги решиле сите проблеми и дека ништо не може да им се случи – рече Вучевиќ.