Фото: Влада

Претседателот на Владата на Македонија, Димитар Ковачевски во рамки на дводневната посета на Атина, синоќа присуствуваше на неформалната вечера која ја организира грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, по повод навршувањето на 20 години од Самитот ЕУ-Западен Балкан во Солун и „Солунската декларација“, на која беше усогласена заедничка декларација, соопшти владината прес-служба.

Покрај премиерот Ковачевски, на неформалната вечера присуствуваа претседателите на Европскиот совет, Шарл Мишел и на Европската комисија, Урсула Вон Дер Лејен, лидерите на земјите од Западен Балкан – српскиот претседател Александар Вучиќ, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, премиерката на Босна и Херцеговина Борјана Кришто и косовскиот премиер Албин Курти, како и премиерите од земји членки на ЕУ од регионот и пријатели на проширувањето – на Хрватска Андреј Пленковиќ, на Романија Јон-Марсел Чолаку и на Бугарија Николај Денков како и украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателката на Молдавија, Маја Санду.

Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, лидерите изразија силна поддршка и солидарност со украинскиот народ во нивната борба за враќање на слободата и потенцираа дека обединетоста околу враќањето на мирот е недвосмислена.

Во дискусијата на неформалната вечера лидерите од регионот размениле мислења за натамошниот тек на евроинтегративниот процес на земјите од Западен Балкан и било истакнато дека Западен Балкан е од стратешка важност за Европската Унија, што ќе придонесе и за стабилност и просперитет не само на регионот туку и на Европа во целост.

-Лидерите од регионот испратија порака дека како никогаш досега е потребна силна политичка поддршка за побрза интеграција на Западен Балкан во ЕУ – се наведува во соопштението.

Ценејќи ги вредностите на Европската Унија засновани на демократијата, владеењето на правото како и почитувањето на основните човекови права и слободи, земјите од Западен Балкан се фокусирани кон европската иднина. Како што стои и во Солунската декларација од пред две децении: „Европа ќе биде навистина обединета само откако сите земји во регионот ќе станат нејзин интегрален дел“.