Фото: Општина Центар

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, свика состанок на Штабот за заштита и спасување, на кој присуствуваа раководителите на општинските сектори, претставници на МВР, ЈП ПОЦ и други надлежни служби. На состанокот беа договорени мерки за справување со последиците од силното невреме што ја погоди општината, пренесе МИА.

Меѓу донесените мерки е формирање комисија за проценка на штетите, задолжување на сите куќни совети да извршат проверка на безбедноста на фасадите и покривите на станбените згради, како и апел до општествено одговорните компании и партнери да се вклучат со механизација во расчистувањето на паднатите кровни конструкции.

Дополнително, хигиеничарите на ЈП ПОЦ ќе работат во повеќе смени за постојано да бидат присутни на терен и да помагаат во расчистувањето на паднатите дрвја, гранки и друг отпад.

-Безбедноста сега е клучна. Мора да има координација меѓу куќните совети и станарите, а солидарноста и одговорноста мора да бидат на високо ниво. Нашите екипи на терен се поделени во две смени, а попладневната екипа е подготвена да реагира и доколку има ново невреме. Дополнително, и администрацијата во Општината доби наредба да се вклучи во напорите за расчистување. Сите сили мора да ги впрегнеме заедно, затоа што станува збор за елементарна непогода – изјави Герасимовски.

Од Општина Центар информираат дека во текот на синоќешните и денешните активности се расчистени повеќе локации низ општината. Со тешка механизација биле отстранети лимени конструкции од покриви во Буњаковец, на улицата „Благоја Давков“, спроти трговскиот центар „Рамстор“ и кај „Агромеханика“, додека паралелно продолжува расчистувањето на паднатите дрвја, гранки и шут од улиците.