Распуштањето на Судскиот совет, останува како можност и тоа ќе се одвива постепено преку институциите на системот и не наеднаш, рече министерот за правда, Кренар Лога во одговорот на новинарско прашање во врска со неговиот став за распуштање на актуелниот состав.
– Ставот и можноста за распуштање остануваат. Но тоа нема да биде трауматичен процес, туку постепено кој треба да биде обезбеден од институциите – рече Лога.
Во врска со смената на првиот човек на државното обвинителство, министерот Лога појасни дека имал разговор во вторникот со премиерот на кој го информирал за истекување на мандатот на актуелниот обвинител и објавувањето на оглас.
– Со оглед дека мандатот му истекува во декември, верувам дека во септември ќе ја почнеме постапката за избор на нов републички јавен обвинител – рече Лога.
На новинарското прашање во врска со Судскиот совет и дали е најдено решение во услови кога ЕУ го проверува работењето на Судскиот совет, министерот појасни дека имал средба со претставник на ЕУа а доуредувањето на законот е опфатено во Стратегијата 23-27.
– Предвидено е како се избираат и кому одговараат и даваат отчет членовите на Судски совет. Нацртот е пуштен и до ВМРО-ДПМНЕ и ние бараме од нив да се изјаснат, бидејќи ова е процес што бара двотретинско мнозинство. Не за назначување или за разрешување членовите, така што верувам дека заедно и со процесот што го предвидува ЕУ со оценувачката мисија ќе имаме решение за тоа како ќе се движиме – подвлече министерот за правда Кренар Лога.
Во врска со случајот за модуларната болница во Тетово, министерот имал средба со обвинителот Љубомир Јовески. На средбата бил информиран за тоа колку предмети се отворени и како се водат.
– Како што веќе знаете има еден предмет во Основен суд во Тетово кој ја има добиено првата пресуда, вториот предмет е во ОЈО ГОКК во Скопје. Имав средба и со шефот на тоа јавно обвинителство и е во предистражна постапка и верувам дека во следните денови и недели ќе имаме и за тоа разрешница, како што ме информираше јавниот обвинител и обвинителот од ОЈО ГОКК имаат некои постапки што верувам дека за неколку недели ќе имаме разрешница – рече Лога.