Фото: МИА

Нашата работа низ годините е само аргументирано сведоштво за човековата хуманост и солидарност која помага да се надмине човековата бездна што ја предизвикува апокалипсата во човековиот живот. Моќта на хуманоста обезбедува во Црвениот крст да се вградува солидарноста и хуманоста меѓу луѓето. Во нашите редови не има и толку имаме, за никој во светот да не остане сам и беспомошен, а вредиме толку колку што сме потребни на другите, нагласи генералниот секретар на Црвен крст, Саит Саити на денешното одбележување на 77-годишнината од основањето на Црвен крст на Македонија и 27 години од полноправно членство во Меѓународната Федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина.

Саити нагласи дека на нивно големо задоволство секоја година се зголемува бројот на волонтери во организацијата и, како што рече, тоа не е случајно.

– Колку повеќе имаме и создаваме можност за уште подинамичен развој, толку повеќе сме должни на оние кои беа пред нас. Успеавме во нашите напори да негуваме топла и искрена атмосфера за реализација на благородни активности, па многу наши граѓани во Црвениот крст препознаа и место за градење на пријателство, за учење, споделување на знаења за волонтирање, за членување посветувања на дел од својот живот. Сите заедно 77 години бевме токму таму каде што беше потребно. Радува фактот што низ годините Црвениот крст секогаш имал иднина. Ние сме организација која е привлечна за младите кои се заинтересирани да учат и волонтираат, да ги споделуваат хуманитарните вредности и принципи, да помагаат и да се надградуваат, а потоа да прераснат во општествено социјално одговорни личности кои даваат посебен придонес во развојот на локалните заедници каде живеат – нагласи генералниот секретар на Црвен крст.

Тој потенцираше дека посветено работат на градење на доверба со заедниците, на луѓето кои им служат, со нивните донатори, партнери и јавноста и во рамки на нивното движење постојано ја остваруваат улогата на помагател на властите во државата и постојано ја добивааат јавната поддршка и поддршката од властите за што се неизмерно благодарни.

Премиерот Димитар Ковачевски, на кого на одбележувањето му беше врачен медал за Владата, како поддржувач на хуманата мисија на организацијата, потенцираше дека не постои човек што не го познава симболот на Црвениот крст на бела површина. Овој меѓународен знак, како што рече Ковечевски, е впишан во јавната свест како симбол поврзан со прва помош, пружање медицинска нега и социјална заштита на населението.

Тој нагласи дека Црвениот крст е симбол на обединување на сите хуманитарци, крводарители, сите доброволци и дарители на помош на луѓето во целиот свет, на категориите граѓани кои се нашле во неповолна ситуација.

– Денес организацијата на Црвениот крст во нашата држава одбележува 77 години постоење и доброволно хуманитарно делување изразено преку многубројните масовни акции за пружање помош. Владата потпиша програма за соработка, има воспоставено партнерство со организацијата на Црвениот крст за континуирано обезбедување на стокови резерви за хуманитарна помош. Тие се достапни за итно делување при вонредни ситуациии и состојби како помош на ранливо населени погодено од катастрофа или итна состојба. Заедно сме и во надминувањето од последиците од катастрофите и здравствените кризни состојби кои ја зафатија нашата земја изминатата година. Владата и ресорните министерства, единиците на локалната самоуправа и локалните институции со Црвениот крст обезбедуваат комуникација и соработка во спроведувањето на активностите за подобрување на добросостојбата на заедницата во мирновременски услови и при кризни состојби – потенцираше претседателот на Владата.