Американскиот универзитет на Европа – ФОН во рамките на активностите за одбележување на 19 години од своето постоење, денеска организираше дебата на тема
„Улогата на Факултетите за правни и политички науки во иницирање, креирање и
евалуација на јавните политики во Република Северна Македонија” на која учествуваа
претставници од приватните и државните факултети за правни и политички науки, како и од Институтот за политички науки, медиуми и комуникација при Правниот факултет
„Јустинијан Први“.

На дебатата, беше заклучено дека е неопходна поголема видливост и активно вклучување на факултетите за правни и политички науки, искористување на научните сознанија и кадровски капацитети во процесите на креирање, иницирање и евалуација на јавните политики кои се донесуваат во рамките на политичкиот систем во Македонија.

Раководителот на Институтот за политички науки, медиуми и комуникација при Правниот факултет „Јустинијан Први“, Иван Дамјановски во своето излагање посочи дека постои недостаток на сеопфатна државна стратегија за креирање на јавни политики и
вклучување на научните сознанија во тој процес, лимитиран капацитет на човечки
ресурси, недостаток на политички интерес и непостоење на база на податоци за
досегашните спроведени истражувања.

Деканот на Факултетот за правни науки при Универзитетот „Св.Климент Охридски”, Горан Илиќ ја посочи потребата од зголемување на соработката помеѓу високообразовните институции со цел да се иницира постигнување на регистер на наставници и научници од сите факултети за правни и политички науки, регулирање на професијата дипломиран политиколог, како и издвојување на поголем буџет за истражување и наука.

Директорката на Институтот за социолошко правно-политички истражувања при Универзитет „Св. Кирил и Методиј”, Бојана Наумовска потенцираше пак, дека во државата воопшто не се прават системски истражувања и дека улогата на истражувачи на јавното мислење во последните години ја презеле невладините организации.

– Научните институции сè единствениот гарант на интересите на граѓаните и општеството. Затоа мораме да се избориме за регулатива, која што ќе обезбеди достоинствена положба на високообразовните институции кои можат многу да го подобрат квалитетот нa јавните политики – додаде Наумовска.

Според Јадранка Денкова, професор од универзитетот „Гоце Делчев” од Штип, Министерството за образование и наука како централна институција за валоризација и
организирање на науката, знаењето и истражувањето, треба да воспостави механизми за креирање на база на податоци за спроведени истражувања и база на наставен кадар којшто може активно да се вклучи во процесите на креирање, иницирање и евалуација на јавните политики.

– Науката во нашата држава константно тоне, а од година во година опаѓа и финансирањето од државниот буџет. Во 2018 се издвоени само 0,36 отсто од БДП за
наука и истражување, што е спротивно на трендовите во Европската унија каде што
инвестирањето е во висина од 2,03 отсто – потенцираше на денешната дебата Сејдефа
Џафче, деканка на Факултетот за правни и политички науки при Американскиот
универзитет на Европа – ФОН.

Според Билјана Пулеска Јанушевска в.д. ректорка на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, високообразовните институции како големи и влијателни организации во
граѓанското општество и во државата имаат носечка улога во процесите на афирмација
на општествените вредности и справување со општествените предизвици.

– Високообразовните институции со меѓусебна соработка и вмрежување треба секогаш да придонесуваат кон креирање на јавните политики, но и да понудат рационална и навремена анализа и вреднување на сите сегменти на општествено-економскиот живот.
Тоа е важно за демократизација на општеството и подобро планирање и исполнување на јавните потреби – потенцираше ректорката Пулеска.

Во оваа насока и Башким Селмани, шеф на катедра за политички науки при Тетовскиот државен универзитет повторно укажа на потребата од поголема меѓусебна соработка
помеѓу факултетите и издвојување на поголеми буџетски средства за наука и истражување.