Неодамнешните узбекистански уставни промени претставуваат голем чекор напред кон градење на „Нов Узбекистан“ и ОБСЕ ќе продолжи да дава поддршка за спроведување на реформската агенда во земјата.
Ова го истакна шефот на дипломатијата и претседавачот со ОБСЕ Бујар Османи на денешната средба во Ташкент со министерот за надворешни работи на Узбекистан, Бахтијор Саидов.
Како што соопшти МНР, преку Канцеларијата на проектниот координатор на ОБСЕ во Узбекистан, Организацијата дава поддршка во клучни области како: зајакнување на улогата на жените, борбата против корупцијата и ефективно адресирање на прекуграничните предизвици на границата помеѓу Узбекистан и Авганистан.
-ОБСЕ заедно со Владата на Узбекистан работи на зголемување на капацитетите на граничните и царинските служби за ефикасно справување со прекуграничните предизвици на узбечко-авганистанската граница. Македонија и нашиот регион на Југоисточна Европа имаат многу успешни приказни за споделување кога станува збор за регионалната соработка, поврзаноста и контактите меѓу луѓето. Нема подобар начин за справување со регионалните предизвици од регионалната соработка – истакна Османи на средбата со Саидов.
Тој додаде дека ова се само неколку илустративни примери за опипливите придобивки за граѓаните што се резултат на соработката помеѓу теренските мисии на ОБСЕ и локалните власти.
Регионалната соработка, се посочува, е од клучно значење и за одговор на воената агресија на Русија во Украина што ја загрозува безбедноста во целиот регион на ОБСЕ.
-Ова е уште една причина зошто треба да се вклучиме во уште поблиска соработка и да продолжиме со координиран регионален одговор, како и со поддршка на мултилатерализмот. Затоа денеска, вредностите и принципите на ОБСЕ и неговата улога како единствена платформа за дијалог меѓу различни региони е поважна од кога било – рече Османи.
Османи истакна дека постои позитивен тренд на зголемување на меѓурегионалната соработка помеѓу државите од Централна Азија што дава надеж за трансформација на односите во регионот и нуди нови можности за поефикасно решавање на заедничките предизвици во поширокиот регион на ОБСЕ.
Османи на средбата изрази благодарност до државните власти и до министерот Саидов за поддршката што Македонија ја добива од Узбекистан во рамки на претседавањето со ОБСЕ.
Шефот на дипломатијата Османи ја започна посетата на Централна Азија во својство на претседавач со ОБСЕ со средбата со претседателката на Сенатот во Узбекистан, Танзила Нарбаева.
-Разговаравме за улогата на Сенатот во напорите за зајакнување на улогата на жените и зголемување на нивната безбедност и поддршката од Канцеларијата на проектниот координатор на ОБСЕ во Узбекистан за спроведување на Националната стратегија за постигнување родова еднаквост до 2030 година. Родовата еднаквост е еден од приоритетите и на претседавањето на Македонија со ОБСЕ и ние ќе продолжиме да даваме поддршка на Узбекистан за прашањата на економско зајакнување на жените и правата на децата и младите – објави претходно Османи на официјалениот фејсбук профил.
Во Ташкент, за приоритетите, но и поддршката што теренската мисија на ОБСЕ ја дава на Узбекистан Османи најави дека ќе разговара и со претседателот Шавкат Мирзијоев, партнерски граѓански организации и со претставници на Канцеларијата на проектниот координатор на ОБСЕ во Узбекистан.