Фото: Ристе Филипов
Интервју со Васил Гарванлиев, пејач и композитор

Васил Гарванлиев, познатиот пејач и композитор и македонски евровизиски претставник, е еден од ексклузивните гости на јубилејното 30-то издание на „Охрид фест 2023“.

Васил, за многумина беше вистинско изненадување веста за вашето учество на „Охрид фест“. По настапите на толку многу светски сцени, вклучувајќи ја и евровизиската, 2021-та, во Холандија, годинава, на 2 септември ќе ве видиме на Интернационалната вечер на „Охрид фест“. Дали фестивалите настапи се уште се предизвик за вас?

– Да, секој фестивал, натпревар има своја магија околу целата манифестација – енергија, музика, публика, место … листата продолжува. Честа да бидам дел од 30-тото изданије на „Охрид фест“ со толку важна и позната песна испеана во мој стил ми е доволен предизвик да застанам на таа сцена. Мене пред се, Охрид ми е многу драго место, а видеозаписите од „Ѓердан„ и „Приказна“ се најголема потврда за мојата љубов кон овој древен град, а воедно и негово претставување на мојата публика. Исто така, маестро Копров, иако немаме заедничка песна беше еден од ретките во Македонија кој цело време ме поддржуваше, ми се јавуваше да ми честита за песна или проект и често знаеме да одиме на кафе кога сум во Скопје. Неколку пати разговаравме да бидам дел од „Охрид фест“ но самиот распоред до сега не го дозволи тоа. Но сега се се поклопи. Пред еден месец поминав една недела во Торонто и една во Чикаго со Давор Јордановски, каде што го привршувавме мојот прв “Cross-Over” албум чија промоција ќе биде во Скопје и Струмица во средината на септември.

Со многу почит и љубов кон музиката ќе застанете на сцената на Долни Сарај. Кажете ни нешто за песната, кога и како настана, што ве поврза со неа, едноставно- каква е „Јовано“?

– Да точно, секоја сцена си има своја магија без разлика каде и да е. Евривизиската не е најголемата сцена каде што сум настапувал до сега, но признавам дека сцена како Долни Сарај на „Охрид фест“ ми предизвикува трема и внатрешна турбуленција 1000 пати поголема од таа на Евросонг. Инаку, „Јовано“ ми е една од двете омилени македонски песни која со години пробувам да ја направам „моја“ и да и дадам „Васил печат“. Имавме верзија за албумот со Давор која требаше да ја снимам во Торонто и кога ручавме со мајка му, пред да одиме во студио на глас реков: „Давор мислам дека ја имаме нашата Јована, само мора да ми веруваш и да ми влезеш во глава“. Ме погледна чудно без да каже ништо и кога отидовме во студио рече – „Васил, ајде да ја пробаме таа што ја имаме”. Му пуштив верзија што јас ја почувствував како своја, работејќи еден ден сам на неа во Чикаго и во очите му видов дека разбира што и каде сакам да одиме со неа. За 20-тина минути имавме структура на нашата Јована. А што ме поврзува со неа? Моќта на надежта – таа секогаш последна умира. Самата симболика на„ Гледај нагоре, бело платно, крај вода (Вардар), мајка.“

Каде се чувствувате како дома и дали планирате враќање на интернационалната мзуичка сцена на голема врата?

– Дома ми е Чикаго, каде живеам со мојот Џејсон и трите „ќерки“- Есми, Кристина, и Шерон. Со промена на статусот за престој конечно почнав со настапи. Една од поканите беше да запеам пред почетокот и на полувремето на познатиот стадион „Солџер филд“ (Soldier Field) во Чикаго за време на фудбалскиот натпревар на Чикаго Фајар (Chicago Fire) – единствено и уникатно искуство. Можам да кажам дека само што потпишав договор и се враќам на класичната сцена во 2024 како солист на „Кармина Бурана“ и конечно ќе остварам уште еден сон – настапот ке биде во легендарната ценатр „Кенеди“ (Kennedy Center) во Вашингтон, САД.

Сепак вашиот дом е и Струмица, а таму ќе се случува нешто интересно во септември.

-Најголемиот сон кој го подготвувам скоро десетина години ќе биде изведен премиерно во Струмица и Скопје во средина на септември. Промоцијата на албумот „Васил“ е замислена како мултимедијален спектакл, кој е мост на три музички жанрови во еден: Балкан, оригинал поп и класика на 7 јазици со камерен оркестар, хор, танчери, светлосни/видео ефекти и наративи, каде преку песна ќе ја раскажам мојата имигрантска приказна…

Дали се уште верувате дека светлината привлекува светлина?

– Да, апсолутно, но имајќи на ум дека најсилните светла ги привлекуваат најгрдите бубачки, мора да знаеме како да ги „спржиме“ за уште посилно да блеснеме.