Синдикатот на образованието, науката и културата (СОНК) треба да седне на нова рунда преговори. Како што најавија минатата недела од Министерството за труд и социјална политика (МТСП), за денеска (17 мај) е договорена нова средба на претставниците на Министерството и на Синдикатот.
На минатиот состанок, како што соопштија од МТСП, се разговарало за барањата кои беа дел од одлуката за штрајк на вработените во градинките, како и за исплатата на платите за периодот кога се штрајкуваше.
За денеска, според најавите, ќе се продолжи со дијалогот за да се најде решение кое ќе биде во рамки на законските прописи.
Една од темите за кои разговараат двете страни е и нов колективен договор за вработените во предучилишните уставови за кои актуелниот истекува во јуни.
СОНК води преговори и со Министерството за образование и наука (МОН), со кое последната средба беше минатиот петок (13 мај). Тогаш претседателот на Синдикатот, Јаким Неделков, изјави дека генерално е постигнато усогласување на некои ставови, но оти сè уште не може да вети дека ќе се постигне финален договор.
Дали штрајкот ќе биде повторно активиран, рече тој, тоа ќе зависи од резултати од преговорите односно од препораките кои ќе ги напише посредувачот кој беше одреден за мирно решавање на спорот.
Штрајкот на вработените во основните и средните училишта и во детските градинки почна на 11 април со барање веднаш да бидат зголемени платите за 18,4 проценти и потоа да се изнајде методологија за усогласување на платите со минималната плата. Во текот на преговорите, првично на синдикатот му беше понудено зголемување на платите за 10 проценти, а потоа и за 12 проценти, но предлозите не беа прифатени од членството на СОНК.