фото: Фејсбук

Норвешка отсекогаш била посветен поддржувач на нашиот реформски процес во контекст на интеграцијата во НАТО и ЕУ, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната средба во Осло со неговата норвешка колешка Аникен Хјуитфелд.

– Благодарни сме за континуираната билатерална поддршка што ја давате за унапредување на нашите интегративни процеси во ЕУ – нагласи Османи, кој денеска престојува во официјална посета Норвешка.

Како што соопштија од МНР, на средбата Османи и Хјуитфелд изразија задоволство што двете држави во речиси 30-годишната соработка, воспоставија партнерски и пријателски односи, кои се карактеризираат со редовен политички дијалог.

Шефот на дипломатијата Османи изрази благодарност за континуираната поддршка што ја добива нашата земја од Норвешка во изминативе три децении, при што оваа нордиска земја се вбројува меѓу земјите најголеми билатерални донатори за имплементација на реформската ЕУ агенда на Македонија.

Министерката Хјуитфелд изрази уверување дека Норвешка ќе продолжи да ја поддржува нашата земја во развивањето на нејзините капацитети за постигнување на нејзините надворешно-политички приоритети.

На средбата беа разменети мислења околу соработката во рамки на НАТО, пред се, имајќи ги предвид актуелните предизвици за евроатлантската безбедност.

Министерот Османи, се наведува во соопштението, потенцира дека руската инвазија на Украина покажа колку е неопходно евроатлантското единство и отпорноста од закани по политичката, економската и кибернетската безбедност на Европа и светот.

Шефовите на дипломатиите Османи и Хјуитфелд разговараа и за можностите за продлабочување на економската соработка и меѓусебната поддршка во мултилатералните организации, со посебен акцент на нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 и овогодинешното норвешко претседавање со Димензијата за човекови права на ОБСЕ.

Во рамки на посетата на Норвешка, министерот Османи се сретна и со претседателката на Комитетот за надворешни и одбранбени работи во норвешкиот Парламент и поранешна министерка за надворешни работи Ине Ериксен Сореиде.

На средбата се разменети мислења околу актуелни надворешно-политички теми во меѓународната заедница, со акцент на безбедносните ризици во Европа, како и претседавањето на земјава со ОБСЕ во 2023 година.