Покрај веќе традиционалната економска миграција во европските држави, во последно време се забележува нов тренд на одлив на македонски работници што одат на работа во соседството, особено во Србија и во Хрватска, каде што платите се доста повисоки отколку кај нас и се движат од 550 до 3.000 евра. Станува ли соседството нов конкурент на Европа за привлекување на македонските работници и како домашната индустрија ќе го надомести изгубениот кадар?

ЕВРОПА ДОБИВА КОНКУРЕНЦИЈА НА ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ:

Сѐ почесто се забележуваат плакати со огласи преку кои се нуди работа во соседството. Постери за работа во Белград, соседна Србија, има низ главниот град, но граѓаните јавуваат дека слични огласи има и низ другите градови во земјава. Иако досега нашите сограѓани најчесто за работа се насочуваа кон поразвиените земји, во последните години голем дел од работниците, особено сезонски работници од угостителскиот сектор привлекуваа и Хрватска, Грција, но и други подалечни земји како Малта. Со подобрување на животниот стандард во Србија и растот на платите, оваа соседна земја станува примамлива за нашите сограѓани, кои не сакаат или не можат да учат нов јазик за работа во некоја од европските земји-членки на Унијата.
Станува ли соседството нов конкурент на Европа за привлекување на македонските работници? Како домашната индустрија ќе го надомести кадарот и какво влијание ќе извршат преселбите и бранот бегалци од Украина на глобалниот пазар на трудот. Упатените посочуваат дека миграциите за работа од година на година стануваат сѐ поизразени и дека преселбата или потрагата по работа во Србија, во Хрватска е очекувана, со оглед на фактот што голем дел од тамошните жители работат или се селат во европските земји.

– Тенденцијата на заминување на работа во странство не е нова, напротив, но како да добива замав. Само во Германија беше најавено дека се бараат 600 до 700 илјади работници за тамошните индустрии, а голем дефицит на работници имаше и Англија. Тоа се големи економии со големи потреби од работен кадар. Но наши сограѓани работат и работеле и во минатото и во Хрватска, која заедно со Србија станува сѐ попримамлива за работниците од Македонија. Тоа не треба да нѐ зачудува оти во Србија овие години се отворени многу работни места во повеќе области. Од една страна, истовремено се градат неколку автопатишта и тоа отвори многу работа за градежната фела. Од друга страна, исто така имаат и многу инвестиции во фабрики, се отвораат нови постројки и кај нив се јавува недостиг од работна сила. Дополнително има најави и за странски инвестиции, но имаше и отворање фабрики со странски капитал, кои привлекоа дел од работниот кадар, со што постојано се отвораат нови работни места во Србија. Кај нас, од друга страна, ниту имаме странски инвестиции, ниту, пак, домашното производство расте како пред пандемијата или пред кризата – укажува Раде Ненадиќ, директор на агенцијата за привремени вработувања „Партнер“.
Тој додава дека дел од причините поради кои се бараат повеќе работници и во Србија и во Хрватска е и фактот што и од кај нив има луѓе што заминуваат на работа или се иселуваат во поразвиените европски земји и на тој начин се јавува недостиг од работници. Исто така посочува дека примањата во овие земји во последниот период се зголемуваат поради што стануваат примамливи за нашите граѓани, бидејќи во Македонија платите се многу ниски и посочува дека најчесто заминуваат на работа во странство работници од секторите што се најслабо платени и се од трудоинтензивните дејности. Ненадиќ појаснува оти врз пазарот на трудот и општо врз економиите во европските земји и кај нас ќе извршат влијание и случувањата во Украина, од каде што голем дел од граѓаните се упатија во други земји, кои најавија и дека ќе им доделат работни визи, но посочува оти сѐ уште е тешко да се знае какви промени ќе донесат.
Потпретседателот на Синдикатот за угостителство и туризам на Македонија, Сашко Папулев, вели дека има голем интерес од македонските работници да одат на сезонска работа во Хрватска, со чијшто Синдикатот за туризам и услуги имаат соработка за заштита на правата на сезонските работници.

– Платите во Хрватска се движат од минимална 550 евра, до 2.000 -3.000 евра, во зависност од работната позиција. Компаниите што ја даваат најниската плата се во преговори со синдикатот во Хрватска за да се зголеми. Морам да апелирам луѓето да бидат внимателни со кого преговараат и да се осигурат дека агенцијата е кредибилна и регистрирана. Почнувајќи од април и мај, угостителско-туристичкиот сектор во Македонија ќе се соочи со масовен одлив на работна сила. Интересот е голем. Половина од луѓето што пристапија во Синдикатот за угостителство и туризам на Македонија и кои сакаат да работат во Хрватска немаат допирна точка со угостителството. Тие се од администрација, полиција, војска, банкарскиот сектор и од други професии. Ова ми зборува дека народот во Македонија е незадоволен од животниот стандард. Јас би сакал сите наши работници да останат тука, но за да се случи тоа и да им помогнеме, треба да ги подобриме нивните услови, затоа што ќе ни избегаат и нема да се вратат. Претежно се брачни двојки, што укажува оти бараат начин да ја напуштат државата и Хрватска ја гледаат како отскочна штица – вели Папулев.
Како резултат на миграциите, повеќе од половина од компаниите во Македонија се соочуваат со проблем за задржување на работната сила на подолг временски период, особено на помладите. Оваа појава особено е изразена кај техничките работни места за кои е потребно практично искуство, како и во угостителско-туристичкиот сектор, посочува претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска, и додава дека ова се резултати од истражување спроведено меѓу членките на ОРМ.
– Предлагаме да се изврши редуцирање на гимназиските и општествените насоки, на сметка на техничките и стручните насоки во средните училишта, а во високото образование да се предвидат критериуми за оцена дали студиските програми имаат општествена оправданост – вели Трајкоска.