Архива / Фото: Игор Бансколиев

Експремиерот Никола Груевски се огласи по информациите дека се договарал за измените на кривичниот законик. Груевски ги демантира ваквите тврдења, коментирајќи дека во неговиот случај, измените имаат минорно учество.
Во статус на социјалните мрежи, Груевски посочи дека заднината на прогонот што се врши против него е стравот, конкуренцијата и желбата за политичка елиминација.

-Партиите, директно или преку нивните интернет ботови и нивните приврзоци во медиумите во Македонија во отсуство на конкретни дела, визија, понуда, проекти и решенија за проблемите на народот во Македонија редовно се препукуваат, и на секој два-три месеци им паѓа на памет спиновите да ги насочат кон мене во правец на некакви мои непринципиелни договарања со некого или нешто, заговори и слично, па веќе неколку години периодично се јавува потреба да ги демантирам, исто како што тоа го правам и сега во оваа прилика во која повторно го демантирам истото. Вакви измени во Законот се говорат во јавноста одамна, околу четири-пет години, и од она што можам да забележам од медиумите има многу заинтересирани страни од различни политички провиниенции за истите да се изгласаат. Во мојот случај на прогон истите имаат минорно учество. Јас и повеќе мои соработници сме под прогон за не сторени работи, на тој прогон заднината е страв од конкуренција и желба за политичка елиминација и тоа се нарекува политички прогон. Тој прогон трае и до ден-денес и сеуште трае и расте стравот на многумина од неговото запирање или неуспех.
И имаат причина за страв! – напиша Груевски.