Новоизбраната претседателка на Судскиот совет на Македонија, Весна Дамева порача дека злото наречено корупција мора да се сузбие и дека нема место и втора шанса за корумпиран судија.
Дамева, нагласи дека како претседател на Судскиот совет ќе работи и ќе се труди за исполнување на препораките од Извештајот на Европската Комисија.
– Голем предизвик е да се биде на чело на Судскиот совет во овој реформски процес. По две години ќе ги направам горди членовите на Сускиот совет за дадената доверба, кога ќе покажам дека сум успеала задно со нив – рече Дамева.
Во својата визија, Дамева рече дека приоритет ќе и биде да се направи чекор напред во борбата против корупција.
– Злото корупција мора да се сузбие. Оној судија што е корумпиран врз основа на факти и докази, вратата за излез ќе му биде широко отворена. Нема место и втора шанса за корумпиран судија – изјави Дамева.
Таа, исто така, посочи дека и транспарентноста и отчетноста ќе бидат еден од нејзините приоритети, уверувајќи дека Судскиот совет од денеска е отворен за сите прашања од јавноста.
Прашана кои се тие „судско-бизнис елити” за кои зборува Црвенковска како причина за отставка, Дамева рече дека не знае на што мисли Црвенковска, но дека загрижува тоа што како претседател на Судски совет таа била должна за тоа да го извести Советот, кој има механизми за справување со тоа.
– Тоа криење, самото остава простор за сомнеж – изјави Дамева.
Интегритетот, посочи Дамева е единствен штит против такви притисоци.
– Не е доволно само да се дознае за такви предизвици, туку и тие да се сузбијат. По враќање од боледување на Црвенковска ќе побарам да извести за таквите сознанија – изјави Дамева.
За наводите дека е член на СДСМ, Дамева рече дека со својата досегашна работа докажала дека има интегритет и не е член на ниту една политичка партија.
Како единствен предлог Дамева, на денешната седница беше изгласана со десет гласа за и еден против.
Изборот на Дамева, доаѓа откако Павлина Црвенковска минатата недела, на неколку месеци од истекот на мандатот поднесе неотповиклива оставка од позицијата претседател на Судски совет.
Функцијата претседател на Судскиот совет се избира со мандат од две години од редот на членови на советот, кои се избираат од Собранието.