Промовирана е сликовницата „Тркалаланица“, првата сликовница од „Едиција Светулка 2“ од авторката Марта Чупевска и илустраторката Тамара Забазноска.
„Светулка во првата едиција ни раскажа 15 приказни. Секоја приказна со својата нежност се всели во детските срца и остана таму.
– „Тркалаланица“ е првата сликовница од втората едиција на „Светулка“. Весела песничка и бројаница, за нашите предучилишни дечиња да се запознаат низ песна со бројките, да се потсетат да не ги заборавиле животните и да поднаучат уште некој нов збор во рима. Треба многу да се пее. Срцето се радува кога пееме и танцуваме – информираат од „Светулка“.
Во певливата, заброена, весела „Тркалаланица“ на Марта Чупевска можете да прошетате низ цела џунгла, да броите и да се насмеете на една животинска, весела прошетка.
– Приказната е во песна, односно преку десет животни ја откриваме нивната џунглеста авантура во складни или прошарани рими, музикален тон и слобода на изразот на авторката Чупевска, во кој се насетува наследството од басните, во кои животните имаат карактеристики на луѓе.
Токму овој аспект од оваа сликовница, која истовремено е со звучно и тркалезно име, може да се приближи до читателот, но и до светот на детето, кој постојано се менува, се тркала, се движи и станува поинтересен секој нов ден. Она што е интересно и едукативно во пристапот е броењето низ мелодичност и притоа „скусувањето“ од десет до едно животно на крајот, односно можноста за повторливо читање и учење на броевите од еден до десет како сосема погодна тема за деца од предучилишна возраст кога веќе може да се учат зборовите, животните, бројките… Оваа сликовница е од голема важност за македонската книжевна продукција на литературата за деца, затоа што на забавен начин го пресликува „учењето“ низ бројки и игра, со лудориите на животните, во кои тие нималку не се претставени како совршени, туку се валкаат, талкаат, ги боли мешето, се плашат, се смеат и пеат… Како сите наши деца и нивната вистинска природа – пишува Ана Голејшка Џикова, во рецензијата за оваа песничка.