Мурал посветен на големиот македонски писател и драматург Горан Стефановски е изработен во СУ „Ристе Ристески-Ричко“ во Прилеп. Муралот, кој е во внатрешноста, е со големина од три метри висина и три метри ширина, а го изработи уметникот Методи Исков, со помош на ученици од училиштето.
Уметникот Методи Исков вели дека да се создаде мурал на великанот на македонската драматургија, писател и професор Горан Стефановски е големо задоволство.
– Несомнено е дека Стефановски е монумент во македонското драмско творештво, а неговата литературна оставина е со непроценлива вредност за македонската литература. Намерите беа да се разубави просторот, но и да се испрати порака до учениците дека имаме успешни и значајни личности, по чии стапки тие треба да чекорат. Важно е за учениците да бидат опкружени со позитивни примери, за и тие да се стремат кон постигнување успеси, остварување идеи и создавање поуспешна иднина. Муралот е насликан до кабинетот по македонски јазик. Во изработката учествуваа и ученици од училиштето, кои дадоа голем придонес за да се добие крајниот резултат. Муралот е со големина од три метри ширина и три метри висина, а е изработен во современ стил (поп-арт), па така и внатрешноста на училиштето добива современ изглед – објаснува Исков.
Тој се надева дека во наредниот период ќе се направат и други мурали во училиштата низ градот, за да се придонесе за помодерен изглед и попријатна атмосфера за учење и за работа. Ка.М.