Фото: Маја Јаневска - Илиева

Македонија во моментов нема лоцирано закани по безбедноста на државата и на граѓаните. Институциите, службите, безбедносно – разузнавачката заедница будно ги следат случувањата во Израел и Украина, разменуваат информации и на национално ниво и во рамките на НАТО алијансата и соодветно се подотвуваат доколку се лоцира предизвик да се реагира, изјави министерката за одбрана, Славјанка Петровска во Охрид каде имаше средба со припадниците на доброволните противпожарни друштва од земјава.

Таа посочи дека секогаш кога се отвора нов конфликт низ светот, тој предизвикува одредени проблеми, пореметувања во постојаното функционирање на државите, независно дали е тој поблиску или подалеку.

– Што поскоро завршат воените дејствија, час поскоро може да се седне на маса и да се разговара за сите проблеми што ги поттикнале конфликтите. Знам дека многу од проблемите се тешки, причините за случувањата се проблематични, меѓутоа ништо не е повредно од човечките животи – рече таа, одговарајќи на новинарски прашања за безбедносната состојба во земјата и регионот по однос актуелните воени конфликти во Израел и војната во Украина.

Петровска рече дека не и е познато дека на институциите на државата и биле доставени некакви барања за физичка заштита на припадниците на еврејската заедница во земјата и нивните верски објекти.

– Координацијата на безбедносните и разузнавачките служби и информациите што се разменуваат покажуваат дека сега закана нема, независно дали се работи за припадници на една заедница или кон некакви објекти, но тоа не значи дека институциите остануваат само на таа информација. Ќе ги следиме случувањата и доколку е потребно и се укаже некакво вид безбедносна закана, не само Евреите туку секој еден граѓанин на нашата држава ќе биде соодветно заштитен – рече Петровска.