Осумката е препознатлива по својот неверојатен елан, големата издржливост и внатрешната сила, го набљудува светот околу себе исклучиво со црно-бели очи, оди од крајност до крајност, во секоја дискусија влегува со жар и страст и покажува голема жртва кога блиските луѓе се во некаква неволја.

Осумката ја карактеризираат праведност, ред, рамнотежа, желба за совладување на предизвиците, добра моќ на набљудување, тоа се основните квалитети што ѝ се припишуваат на симболиката на бројот осум. Во него ја гледаме таа исконска потреба на човекот да ја совлада материјата, да воспостави закони што носат соодветна реакција за секоја акција и дека секоја амбиција е соодветно наградена. Интересна дисциплина е нумерологијата. Таа е една од многуте невообичаени системи, верувања и традиции за релациите меѓу бројките и реалниот живот. Но, сличноста со нешто што ви е познато, а поврзано за нас е чиста коинциденција, зарем не? Да, навистина бројот осум го означува и осмиот ден на септември, кога Македонија ја слави својата независност. До тоа е дојдено со многу жртви, крв, пот и солзи, стотици години низ нашата единствена, македонска историја. Тоа е нешто што е опипливо и реално, болно и радосно, во исто време. Затоа, Осми септември заслужува највисок пиедестал во срцата на сите нас, одамна заминати предци, неродени потомци и современици… Зад нас е патот што го прегазивме. Пред нас е патот што треба да се изгази. Да не се вртиме во осумки. Правиот пат што води во просперитет, ние самите да го истрасираме!

– Македонија опстојувала, опстојува и ќе опстојува. Малодушноста и сомнежите отсекогаш ги внесувале бедните по дух, медиокритетите и оние што лошо ѝ мислат на Македонија. Инаку, изградбата на државата и изградбата на нацијата никогаш не запира и никогаш нема конечност. Ќе има и подобри времиња, ќе има и смутни времиња, како сломот за време на владите на Заев, но Македонија ќе опстојува сè додека граѓаните на Македонија се решени да ја чуваат својата државна заедница. Можеби искушенијата, премрежињата и заблудите беа потребни за уште еднаш да осознаеме колку се значајни државата, институциите и суверенитетот. Немам никакви сомнежи дека Македонија ќе зачекори напред, а сигурен сум дека најдобрите денови за македонскиот народ допрва претстојат. Нам ни престои долго будење од кошмарот, сериозна анализа на научените лекции и изградба на јасна визија за нашата ролја во променетиот свет – порачува по повод Денот на независноста Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор. Р.Н.М