Фото: МИА

Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков попладнево соопшти дека завршила денешната рунда преговори со Министетрството за образование и наука под покровителство на помирувач и дека преговорите ќе продолжат в петок кога очекуваат и конкретни одговори на нивните предлози.

– Заврши денешната рунда на преговори со МОН, под покровителство на помирувач. Сите прашања кои се отворени, врз основа на нашите барања беа дискутирани, анализирани, аргументирани од двете страни – објави Неделков на Фејсбук.

Неделков: Изгубените часови да се надополнат и учебната година да заврши на 10 јуни

Синдикалниот лидер денеска изјави дека се на почеток на преговорите, но дека не почнуваат од нула што, рече, би одзело многу време и енергија.

– Сите имаме очекувања да излеземе од овој штрајк со позитивен резултат и не како победници, туку како социјални партнери, кои ќе најдат заедички прифатливи решенија, каде што нема да има победници и губитници… Најголемата придобивка е отворање на Пандорината кутија за усогласување на платите во сите дејности и во приватниот и во јавниот сектор – рече Неделков.

Рокот за медијација е десет дена за усогласување на ставовите и ако во текот на тој рок не се постигне договор, додаде денеска Неделков, преговорите ќе мора да се продолжат за уште десет дена.