Фото: МИА/Илустрација

Полицајци проверуваат пред да почне наставата, а присутни се и додека трае, нема влегувања без најава, се запишуваат посетите, а се прават и ноќни партоли… Ова е дел од новите упатства за заштита од бомби во училиштата, кои може да се обелоденат. Дел од протоколот е строго доворлив

По пет месеци редовни дојави за бомби, неколку дена по ред наставата во училиштата се одвива непречено, учениците и наставниот кадар работат во училишните објекти, родителите се спокојни. Дали има дојави за подметнати експлозивни направи во основните и во средните училишта, но и во останатите објекти во земјава, јавноста нема да биде информирана, освен ако за тоа не одлучат стручните лица, а ова е еден дел од новите протоколи кои ги воведе Министерството за внатрешни работи. Со новите протоколи паниката и нервозата треба да се сведат на минимум, а секојдневието на учениците, наставниот кадар и на родителите да е без непотребни стресови. Директорите на училиштата велат дека се работи според протоколите и досега се е во ред.

Во пракса функционира и протокол кој се води како доверлив.

-Протоколите добро функционираат. Се намали и нервозата. Полицијата прави проверки пред почетокот на наставата, во училиштето не смее да се влезе без најава, приватното обезбедување ги проверува надворешните лица и при влез и при излез од училиштето, камерите се постојано вклучени, како и досега. Има определено лице кое ќе ја информира полицијата доколку има потреба за тоа. Мислам дека добро функционираат протоколите – вели Митко Димовски, директор на гимназијата „Орце Николов“.

Новите протоколи се почитуваат, вели Александар Сибиновски, директор на средното училиште „Владо Тасевски“.

-Наставата најнормално се оддржува. Имаме приватно обезбедување, а во текот на целото траење на наставата има присутни полициски службеници во училиштето. Има ноќни патроли, си функционира видео-надзорот, ние имаме и ноќна чуварска служба. Се евидентра секое движење на надворешни лица – вели Сибиновски.

Во некои основни училишта за новите упатства директорите на школите по телефон ги известиле родителите. Тие, како што велат директори, се наменети за безбедност на децата а се однесуваат на родителите, не се разликуваат многу од оние препораки кои важеа за време, но и по пандемијата со ковид-19. Родителите не смеат да влезат во училиштето без да се најават или без да се евидентира нивниот влез. Децата ги оставаат пред влезната врата на училиштето каде што наставниците од одделенската настава ги преземаат.

Училиштата ги заклучиле и споредните врати за влез.

Овие протоколи беа донесени после пет месеци во кои имаше редовни дојави за поставени експлозивни направи во објекти, а сите се покажаа како лажни.

-Ќе се пренесуваат информации до степен до кој треба да бидат пренесувани. Основот на тероризмот е токму сензационалноста. Ако ја сузбиете сензационалноста, вие го намалувате и нивото на овие закани – изјави пред неколку дена Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.