Илустрација/Фото: Пиксабеј

Гостиварката која остави седумесечно бебе само и без грижа, ќе биде лишена од родителското право. Постапката е поведена во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Гостивар, каде од синоќа се работи на сместување на уште две деца од истото семејство.

Случајот излезе во јавноста вчера попладне кога по пријава во полиција, тим од социјални работници дошол во куќа на улицата „Илинденска“ и затекнал седумесечно бебе во лоша здравствена состојба.

– Детето било оставено само и дехидрирано по што е пренесено во гостиварската болница и оттаму испратено за Скопје. Мајката има уште две деца, едно на осум и другото на 1,5 годишна возраст. Со оглед дека станува збор за нефункционално семејство, за децата е поведена постапка и во најскоро време тие ќе бидат сместени во згрижувачко семејство – наведуваат од ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа.

Од оваа институција најавуваат и постапка за одземање на родителското право на мајката врз трите деца, бидејќи таа е осудена и до правосилноста на пресудата се наоѓала во куќен притвор.