Фото: МИА / Архива

Министерството за надворешни работи ги осудува иредентистичките изјави кои содржат и територијални претензии кон Македонија изкажани јавно и повеќе пати од страна на бугарскиот пратеник и лидер на политичка партија, Преродба, Костадин Костадинов.

– Фактот што овие изјави се повторуваат, овојпат и во Скопје и тоа на значаен и за двете страни симболичен повод, отворање на нови канцеларии на Културно-информативниот центар како и во пресрет на Бизнис форумот меѓу Северна Македонија и Бугарија, не можеме, а да не ги толкуваме како обиди за минирање на силните напори на двете Влади за унапредување на соработката и како организирана провокација, која треба да биде осудена од сите проевропски политички структури и институции во двете држави – се вели во соопштението на МНР.

Во исто време, сакаме да упатиме апел до граѓаните на двете земји да не им подлегнуваат на ваквите провокации кои имаат една единствена цел, а тоа е да ги спречат двете држави во спроведувањето на искрените намери, реафирмирани од двете страни, за продлабочување на односите меѓу нашите држави и народи во духот на европските вредности.

Бугарскиот пратеник Костадин Костадинов на отворањето на Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје го повтори радикалниот став дека Македонија е втора бугарска држава, односно дека треба да бидеме една држава, која ќе се протега од Црното Море до Охридското Езеро.

– Се разбира, Македонија е втора бугарска држава. Секој Бугарин во Бугарија ја сака Македонија, ние сме еден народ, зборуваме еден јазик и имаме заедничка култура. Јас ништо не ве убедувам, имате глава на рамењата. Јас ви велам ли како да се чувствувате? Зошто тогаш на луѓето тука, кои сакаат да се чувствуваат како Бугари, им забранувате така да се чувствувааат? Со вас зборувам еден ист јазик, се разбираме. Јас немам против да се чувствувате како Македонци – рече тој.

Костадинов и неколкумина негови колеги од партијата во центарот на Скопје ги негираа македонската посебност и историскиот факт дека тогашна фашистичка Бугарија нѐ окупирала, а не нѐ ослободила како што сметаат тие.

– Бугарија и Македонија воделе војна, кога било тоа? Имавте ли држава во Втората светска војна? Дајте ми документи каде што има окупација. Тука се создадени комитети што ги пречекале бугарските војски. Кој ги избрка германските војски, нашите војски ве ослободиле. Документите тоа го велат.

На прашањето дали има одговорност и дали треба да се извини за своите изјави што среде Скопје вели дека Македонија е бугарска, тој рече дека не сака да лаже.

– Зошто да се извинувам, не терајте ме да лажам. Некои од вас мислат дека се Македонци, други не мислат така. Не се 3.500 Бугари, туку повеќе. Има многу граѓани со бугарски пасоши. Да си ја зборуваме вистината. Бугарија и Македонија, кои треба да бидат една, еден народ, кој треба да биде од Црното Море до Охридското Езеро. Не се чувствувам во туѓа земја и затоа не сметам дека тоа ќе биде окупација – рече Костадинов.