Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Димитар Ковачевски денеска и порача на ВМРО-ДПМНЕ контактите за набавка на евтина струја да ги достави до АД ЕСМ или до Министерството за економија.Тоа се адресите до кои опозициската партија треба да се обрати ако навистина има такви контакти и ако сака да помогне, напомена Ковачевски, одговорајќи на пратеничко прашање. Во неговиот Кабинет, како што истакна, нема архива за прибирање понуди, ниту, пак, може да доѓаат пратеници или министри со некакви контакти.

Премиерот подвлече дека секоја помош во овие услови е добредојдена и ќе се почитува. Воедно повтори дека на 15 октомври ќе почне грејната сезона во Скопје и дека парно ќе има.

-Зборувате за контакти од компании кои може да обезбедат енергенси со одредени цени. Нека се достават тие контакти за евтина струја во архивата на АД ЕСМ или до министерот за економија за да видиме какви се понудите, какви се условите за испорака, која е според меѓународните стандарди точката за преземање на енергенсите и ако понудата е најдобра, ќе биде прифатена. Секоја помош во овие услови е добредојдена, никој не одбива ништо. Ако навистина постојат такви контакти, тоа се адресите: ЕСМ и Министерството за економија. Министерот Бектеши е на располагање и во текот на вчерашниот ден тој веќе имал контакти. Кај мене во Кабинет нема архива за понуди од компании. Во ЕСМ има отворена постапка и за јаглен и за мазут и за гас. Секој што има понуда за овие енргенси, веднаш може да ја достави таму доколку одговара на условите. Не може кај мене да доаѓаат контактите, да доаѓа некој пратеник или министер. Има отворени повици, јавно објавени и секогаш победува најдобрата понуда – потенцира премиерот.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција го повика премиерот Димитар Ковачевски на дебата во врска со предлогот на опозицијата партија за надминување на енергетската и топлинска криза.

Мицкоски рече Ковачевски да го одбере местото и часот за дебата, а потоа на новинарско прашање одговори дека, исто така, бара и средба со Владата.

За стабилноста на парламентарното мнозинство рече дека се кажуваат многу лаги, но оти ВМРО-ДПМНЕ работи на одржување предвремени парламентарни избори.