Фото: МИА

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“ ќе присуствува на денешната координација свикана од претседателот на Собранието Талат Џафери со една единствена цел, а тоа е да ги повтори ставовите и барањата на нашата пратеничка група, изјави денеска координаторот на пратеничката група Никола Мицевски.

Тој посочи дека иако испратиле писмо до Џафери, за кое ја известиле и јавноста, се уште немаат никаков одговор за нивните барања.

– Бараме да се врати информацијата што ја испрати Владата како нецелосен материјал и да не се нарушува дигнитетот на Собранието со еден ваков документ. Листот хартија што Владата го нарекува Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за преговори помеѓу Македонија и ЕУ е крајно непочитување на нас пратениците. Не може со еден лист хартија да се дискутира за најважната работа во државата во наредните десетина години. Тоа е класична деградација на интегритетот и интелектот на секој пратеник- рече Мицевски.

Тој повтори дека денеска ќе побараат информацијата со допис да се врати во Владата и, како што рече, да се потенцира дека за меѓувладината конференција одлучува Владата и таа „да не се крие зад пратениците барајќи некаква одлука од Собранието“.

– Дополнително, бараме под итно да се достави македонско-бугарскиот протокол, којшто претставува најважен документ во овој процес и којшто е клучен документ врз кој ќе се договараат правилата на игра помеѓу двете земји во наредниот период. Ако пратениците од владиното мнозинство се спремни на вакво понижување ние од опозицијата не сме и затоа бараме да бидат доставени сите документи согласно собраниско- деловничката процедура – нагласи Мицевски.

Исто така, како што дополни, Собранието мора да биде спремно да ги слушне и реакциите на граѓаните, експертите, невладиниот сектор и сите други засегнати страни и да организира дебата и разгледување на овој предлог.

– Мора да се даде време и на работните групи кои се формираа во Собранието, да ги разгледаат сите документи кои ги има Владата, но и сите можни предлози со цел овој процес да го направиме што е можно потранспарентен. Ваквото брзање може само да не доведе до слепа улица од која враќање назад нема. Доколку Џафери и парламетарното мнозинство ги заобиколат и изиграат собраниските процедури, одоговорноста за ситуацијата во која ќе се најде државата ќе биде на Талат Џафери, Владата и пратениците од парламентарното мнозинство – потенцира Мицевски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицевски рече дека е некоректно информација за толку значајна работа да се пушти на еден лист хартија надвор од сите деловнички и собраниски процедури.

– Да се стави во информација дека јавно достапни се документите е прво несериозно, второ, во Собранието има постапки и процедура врз основа на која што се доставуваат материјали врз основа на која што се разгледуваат одредени информации – рече Мицевски, додавајќи дека во изминатиот период за разни точки и запирки биле враќани материјали како несоодветни.