Фото: Игор Бансколиев

На трансфер-пазарот посебно се активни англиските премиерлигаши, што би можело да значи некаква нова прераспределба на односот на силите меѓу клубовите, особено меѓу оние од т.н. „голема шесторка“. Нови клубови засега имаат, на пример, Холанд, Филипс, Стерлинг, Жезус, Нуњез, Карвалјо, Мане, Ориги, Минамино, Лукаку, Ридигер, Кристенсен, Ричарлисон, Перишиќ, Тен Хаг…

ЛЕТЕН ПРЕОДЕН РОК

Летниот фудбалски преоден рок практично е на почетокот (ќе трае до 31 август), но веќе се направија повеќе големи трансфери, што е добра најава дека ќе биде крајно интересен. Според весникот „Гардијан“, летово за купопродажба на играчи во петте најсилни европски лиги (Англија, Германија, Франција, Шпанија и Италија) клубовите (до вчера) за 666 трансфери веќе потрошиле 1,7 милијарда фунти (над две милијарди евра), што е повеќе од половина од ланските 2,6 милијарди фунти (3,2 милијарди евра).
Летово посебно се активни клубовите во најсилната и најбогата европска лига, англиската Премиер-лига, што би можело да значи некаква нова прераспределба на односот на силите меѓу клубовите, особено меѓу оние од т.н. „голема шесторка“, кои се во различни фази од летниот бизнис. Манчестер сити, Ливерпул и Тотенхем направија неколку значајни зделки, како и Арсенал. Челси и Манчестер јунајтед подоцна почнаа со реконструкцијата.
Првакот на Англија, Манчестер сити, односно менаџерот Пеп Гвардиола веќе заврши голема работа, брзо и тивко, го засили нападот со Ерлинг Холанд од Борусија Дортмунд и со Аргентинецот Хулијан Алварез, кој беше договорен уште во јануари, но остана уште шест месеци на заем во Ривер плата, а средниот ред со Калвин Филипс од Лидс. Рахим Стерлинг се пресели во Челси, а Габриел Жезус во Арсенал со што клупските финансии се избалансираа.

Во Ливерпул, исто така, се случи тивка еволуција. Беа ангажирани Дарвин Нуњез од Бенфика, Фабио Карвалјо од Фулам и младиот Калвин Рамзи од Абердин, а Момахед Салах го продолжи договорот. Заминаа Садио Мане, Дивок Ориги и Такуми Минамино, со што „црвените“ го завршија пазарењето за летово. Манчестер јунајтед обновата на тимот ја почна со новиот менаџер, Ерик тен Хаг, но допрва претстои поголема промена во играчкиот состав, почнувајќи со Кристијано Роналдо, кој најави заминување, не отпатува на турнејата во Тајланд и во Австралија, и сега се чека да се јави заинтересиран клуб за него. Единствен нов играч е Тајрел Маласија (22), левиот бек на Феенорд. Има повеќе што ќе си заминат (најзвучно име е Пол Погба). Како нови играчи се спомнуваат Кристијан Ериксен, Френки де Јонг, Серж Гнабри, Пауло Дибала, Пау Торес, Јури Тилеманс, Јаник Караско и други.
Менаџерот на Челси, Томас Тухел, како замена за Ромелу Лукаку, кој повторно му се приклучи на Интер, на заем го ангажира Стерлинг, кој е првиот играч што доаѓа откако клубот има нови сопственици. Челси е заинтересиран за уште еден играч на Сити, центархалфот Натан Аке на местото на Антонио Ридигер или на Андреас Кристенсен, кои се преселија во Шпанија, во Реал Мадрид, односно во Барселона.
Активен е и Тотенхем, кој ангажира двајца играчи од Премиер-лигата, за Ричарлисон од Евертон и за Ив Босума од Брајтон издвои над 100 милиони фунти (околу 118 милиони евра). Нови играчи на клубот од северен Лондон се Иван Перишиќ, кој пристигна од Интер како слободен играч, и центархалфот на Барселона, Клемен Ленгле, на заем. Арсенал, освен Жезус го ангажира и Португалецот Жоао Виеира од Порто, а ги сака Тилеманс од Лестер, Рафиња од Лидс и Лисандро Мартинез од Ајакс… Л.Д.


За четириесетина години трансферите од еден, пораснаа до 100 милиони

Двапати годишно, во зима и во лето, трансфер-прозорецот им дозволува на врвните фудбалски клубови да ангажираат фудбалери и тоа се периоди кога стотици милиони евра ги менуваат сопствениците. Но во почетоците на фудбалот, пред идејата за професионализам во 1885 година, не постоеше трансфер-пазар. Играчите можеа слободно да се движат и да играат за кој било клуб. Тоа се промени кога Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија воведе регистрација на играчи во почетокот на сезоната, правило што го ограничи движењето на играчите помеѓу клубовите без дозвола од ФА и на клубот. Клубовите тогаш сфатија дека можат да бараат пари како компензација за да им дозволат на играчите да се преселат во друг клуб.
Во 1990-тите и идејата за трансфер-прозорец беше предложена и дискутирана во националните асоцијации. Меѓутоа, официјален и задолжителен трансфер-систем, кој Светската фудбалска федерација (ФИФА) го воведе за сите клубови, се оствари во 2002 година. Тој систем беше воведен за да им обезбеди стабилност на клубовите и да спречи да се склучуваат договори во текот на целата година. И во тоа време имаше пари во фудбалот, но ни оддалеку како денес. Пред четириесетина години, потпишувањето договор со играч за еден милион евра беше голема работа. Прв играч со договор од еден милион фунти беше Тревор Френсис во 1979 година, пари што Нотингем форест му ги плати на Бирмингем. Сега најдобрите играчи чинат стотици милиони евра.