Фото: Министерство за здравство

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, на денешната прес-конференција по повод случајот со Онкологија, истакна дека е длабоко погоден и рече дека тој мора да биде целосно расчистен во најкус рок.

-Ги разбирам гневот и фрустрациите што случајот го предизвика кај граѓаните, особено кај оние директно погодени. Како министер за здравство, ќе направам сè во моја моќ овој случај да се расчисти, да се санкционира одговорноста на секој за кој ќе се докаже дека има удел во овој вид злосторство и ќе создадам услови никогаш да не се повтори – рече Меџити.

Министерството, вели тој, тесно ќе соработува со органите на прогонот и правосудството за да се обезбеди темелна истрага.

-Никој од здравствениот систем нема и не смее да ги заштити престапниците. Будно ќе го следиме процесот. Остро ќе се реагира на секоја манипулација – рече министерот.

Тој ги поттикна сите здруженија на пациенти со карцином, поединци или групи, кои може да помогнат, да стапат во контакт со Министерството или со институциите на прогонот.

-Како Министерство сакам да истакнам дека јавноста треба да знае дека КАТО-системот не е фрлен во подрум, туку е во склоп на клиничката аптека и таа соба е заклучена. Се прават финансиски анализи дали КАТО-системот да се врати во функција или да се обезбеди нов систем за контрола на терапијата. Со новиот ребаланс на буџетот предвидуваме обезбедување систем што долгорочно ќе ги спречи евентуалните злоупотреби во иднина – рече министерот.

Тој извести дека одржал состанок со директорите на Онкологија, а најави состанок и со стручниот онколошки конзилиум, кој одлучува за тоа кои пациенти колку терапија ќе примат.

-За начинот за контролирање на терапијата, болеста на пациентите и за терапијата што ја примаат веќе неколку месеци одлучува стручен онколошки конзилијарен колегиум, на овој начин се спречува самостојно, еднострано одлучување за терапија и злоупотреба. Јас инсистирам на уште построги механизми за контрола. Ги уверувам пациентите дека терапијата што се дава на Клиниката на онкологија е соодветна и ефикасна. Да не се прават генерализирање и напади на целиот персонал на Клиниката, која во најголем дел стручно и совесно си ја врши работата – изјави Меџити.

Тој апелира да не се шират невистини и да не се поттикнуваат хајка и омраза.

-Сторителите на криминалот имаат име и презиме, во тој процес мора да ги заштитиме докторите и целиот персонал, кој со голема грижа ги лекувал пациентите – додаде министерот.