фото: Влада

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска повторно апелираше до родителите да ги вакцинираат своите деца откако во земјава и регионот се појави голема кашлица.

Во изјава за медиумите дадена по отворањето на реновираната операциона сала на Клиниката за ортопедски болести, Меџити рече дека има доволно вакцини и дека од вчера е дадена наредба да се проверат сите вакцинални картони од бебиња.

– Крајно време да се смени менталниот склоп. Секое вакцинирање, значи спас на живот. Затоа ги повикувам родителите за доброто на нивните деца да ги вакцинираат и да ги превенираме ваквите појави – рече Меџити.

Во однос на информациите за дефицит на лекови на Клиниката за онкологија, Меџити повтори дека дефицит на лекови за овие пациенти нема да има, освен ако некоја состојка ја нема на меѓународно ниво, но за тоа, како што посочи, навреме ќе информираат.