Парламентарните делегации на Македонија и Бугарија заедно се поклонија и положија цвеќе пред спомен-плочата на Св. Кирил во базиликата „Санта Марија Маџоре” во Рим. Потоа претседателот на Собранието Талат Џафери и претседателот на бугарското Народно собрание, Росен Желјазков дадоа заедничка изјава за медиумите на двете земји.

-Иницијативата беше обострана, многу ми е драго што на овој убав празник можевме заеднички да им подариме венци на нашите први учители Кирил и Методиј и на овој начин да покажеме како нè поврзува заедничкото минато, но како ќе нè поврзе една заедничка иднина – изјавил Желјазков.

– Многу ми е драго што мојот колега претседател Џафери многу пријателски, многу срдечно го направи овој знак, кој го направивме и ние – додал тој.

Во рамките на празнувањето на светите браќа Кирил и Методиј, со аудиенција кај Папата ги поминавме сите процедури според протоколот што требаше да ги поминеме – рече Џафери.

– Со задоволство направивме обид и успеавме во овој обид двајцата претседатели на парламенти и претставници на народите од нашите земји да застанат заедно – посочил тој.

Македонската делегација, предводена од Џафери, претходно денеска беше примена од папата Франциско на традиционалната аудиенција по повод Денот на светите браќа Кирил и Методиј.