Фото: Пекселс

Глобалната загуба на дивиот свет е „значително поалармантна“ отколку што се мислеше. Имено, според резултатите на најновата научна студија, речиси половина од видовите на планетата доживуваат брз пад во однос на бројките, пишува Си-ен-ен.

Луѓето веќе уништија огромен број животински видови и турнаа многу повеќе на работ на преживување – некои научници велат дека влегуваме во „шестото масовно истребување“, овој пат поттикнато директно од луѓето.

Главниот фактор е уништувањето на дивите пејзажи за да се отвори простор за фармите, градовите и патиштата, но климатските промени се исто така важен двигател во намалувањето на видовите и се предвидува дека тие ќе имаат сè полошо влијание како што светот температурно се загрева.

Авторите на студијата анализираа повеќе од 70.000 видови ширум светот – опфаќајќи цицачи, птици, влекачи, водоземци, риби и инсекти – за да утврдат дали нивната популација расте, се намалува или останува стабилна со текот на времето.

Според студијата објавена во понеделникот во списанието „Бајолоџикал ривјус“, дури 48% од овие видови се намалуваат по бројност, а само кај помалку од 3% е забележано зголемување.

Коавторот Даниел Пинчеира-Доносо, од Факултетот за биолошки науки на Универзитетот Квинс Белфаст, рече дека нивните наоди се „крајно предупредувачки“.

-Со децении, кризата на истребување беше дефинирана со „зачувани категории“ – ознаки што Меѓународната унија за зачувување на природата, комитет на Обединетите нации, ги доделува на секој вид што тие го оценуваат во даден момент во времето- рече Пинчеира-Доносо.

-Она што покажува нашата студија не е дали видовите моментално се класифицирани како загрозени или не, туку, наместо тоа, дали нивната големина во однос на популацијата станува брзо и прогресивно помала или не. Надолните трендови во однос на животинската популација со текот на времето се јасен предзнак за нивното изумирање -додаде тој.

Цицачите, птиците и инсектите бележат намалување на видовите, но водоземците се особено лошо погодени во целина, се наведува во извештајот. Тие се соочуваат со мноштво закани, вклучувајќи болести и климатски промени.

Добри вести доаѓаат кога зборуваме за рибите и влекачите, бидејќи се чини дека повеќе видови имаат стабилна популација, наместо да се намалуваат.

Географски, намалените бројки имаат тенденција да бидат концентрирани во тропските предели, се наведува во извештајот.

-Една од причините за тоа е што животните во тропските предели се почувствителни на брзите температурни промени во нивната животна средина – рече Пинчеира-Доносо.

Брендан Годли, професор по наука за конзервација на Универзитетот во Ексетер, кој не бил вклучен во студијата, рече дека истражувањето нуди нови сознанија за трендовите на намалување кај животинските видови.

-Ова е исклучително влијателна студија, која го опфаќа светот и сите групи на ‘рбетници и инсекти. Таа истакнува под колкав притисок е дивиот свет заради разорното влијание на човечкиот фактор – изјави Годли за Си-Ен-Ен.

Има и позитивни приказни за животни вратени од работ на истребување, рече тој, вклучително и големите китови и морските желки.

-Сепак,сите треба да бидеме многу вознемирени поради овие резултати, зашто без дива популација, животински видови, разновидни живеалишта и екосистеми, ние не можеме да опстоиме – заклучи Годли.