Фото: Игор Бансколиев

Министерството за одбрана соопшти дека годишната конференцијата за информации и комуникации на НАТО, најголемиот настан во доменот на стратегиските комуникации на Алијансата наесен ќе се одржи во земјава. Според соопштението, на конференцијата во Скопје ќе пристигнат околу 500 НАТО-експерти за стратегиски комуникации од сите земји членки на Алијансата и од околу 40 партнерски земји.

Конференцијата претставува годишен форум на кој се разговара за комуникациските функции и планови на Алијансата, а се разменуваат и искуства и научени лекции за актуелните и идните предизвици во областа на стратегиските комуникации.

Довербата од сојузниците, како што наведува министерството, да ја организира оваа конференција во Скопје, ја доби во 2020 година, но нејзината реализација беше одложена поради рестрикциите предизвикани од ковид-пандемијата. Во 2020 и во 2021 година конференцијата се одржа со видеоконференциска врска.