Крушево (Фото: Пиксабеј)

Обиколницата на Крушево ќе овозможи градот да биде центар за развој на, главно, авантуристичкиот туризам, по што е најпознат во светот. Тоа е еден од четирите проекти со кои градот бара средства од 1 милион и 130.000 евра од унгарскиот кредит преку Министерството за локална самоуправа за оваа година. Ќе бидат поврзани скијачките терени и авантуристичките паркови.

– Поточно, обиколницата ќе биде локален пат од Порта до скијачките терени и од познатата чешма на АРМ до скијачките терени со што ќе се формира тој дел, или, тие парцели ќе добијат инфраструктура кои се градат изминатиот период и се продадени од Општината. Инаку, претходно се реконструираше локалниот пат од Порта до Мечкин Камен. Тоа ќе донесе дополнителен раст и развој на туризмот, не само во Крушево, туку и цела држава ќе биде насочена кон Крушево кој ќе биде центар на внимание – рече Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Крушево годинава очекува да го започне проектот со Грција преку Европската Унија и да го гради алтернативното полетувалиште за параглајдеристи на Црн Врв.

– Местото е црни Врв каде, отспротива, има одлична ружа на ветрови и со тоа Крушево ќе биде уште попрепознатливо. Ега е на трето место во светот по параглајдерство, а со ова сакаме да ги има првите места. Многу можности ќе добијат аматерските параглајдеристи – вели Христоски.

Годинава во Крушево ќе се одржат: светскиот куп за параглајдерство, европското првенство и уште седум други меѓународни натпреварувања во параглајдерство. Тоа ги зголемува очекувањата во Крушево годинава да има зголемен број туристи.