Фото: Влада

Премиерот Димитар Ковачевски, во однос на изјавата на вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска дека се соочува со одредени притисоци поради активности за справување со корупцијата, вели дека на располагање се сите институции што се справуваат со закани кон било кого.

-Вицепремиерката нема разговарано за тоа со мене лично дека трпи закани и притисоци, меѓутоа стојат на располагање сите институции што се справуваат со тој тип на закани кон било кого. И јас ја поттикнувам тоа да го пријави исто како што и јас би го направил доколку јас имама закани по однос на моето работење – порача Ковачевски денеска од Куманово.

Грковска во интервју за МИА потврдува дека се соочува со одредени притисоци откако поинтензивно започнаа активностите на нејзиниот Кабинет за справување со корупцијата, јавното опоменување на одредени функционери и ставањето високо на агендата на прашањето за малата доверба во правосудството и состојбите таму. Таа кажа дека воопшто не ја загрижуваат ниту, пак, допираат до неа таквите „добронамерни укажувања“ и дека ќе продолжи да ја врши својата работа.

Ковачевски, пак, во одговор на новинарско прашање дали е точно дека меѓународни партнери и амбасади се противат на испраќањето на Виктор Димовски, поранешен директор на АНБ, и дали затоа е одложено неговото испраќање, кажа дека додека не се заврши постапката за именување и за испраќање амбасадори, нема да коментира по однос на било кои прашања.