Наместо додатоците кои очекуваат да ги добијат, вработените во Царинската управа и Управата за јавни приходи на чекор да бидат проверувани каков имот поседуваат. Ова е предлог на премиерот Димитар Ковачевски кој испрати јавна порака до директорите Стефан Богоев и Сања Лукаревска. Критика, веднаш стигна од професорката по право, Мирјана Најчевска, која меѓудругото порача: „Наместо да се стават во затвор мафијашите од ДУИ, ќе ја отпуштат Перса дактилографката“. Сепак, Ковачевски потегот за проверка на имотот на вработените во овие институции го правда со скринингот во Брисел.
– Јас би ги поттикнал и директорот на Царина и директорот на УЈП да изнајдат модел за проверка на имотната состојба на нивните вработени. Сметам дека и тоа треба да биде дел од процесот за усогласување на платите бидејќи сите зборуваме за одговорност, перформанси. Ова е поттикнато од скринингот во Брисел, кој даде интересни податоци во делот на ефикасноста на Царината – рече Ковачевски.
Професорката Најчевска, овој предлог го нарече „политичка перверзија“.
– Наместо да се проверува имотот на функционерите, ќе го проверуваат имотот на администрацијата. Наместо да се стават во затвор мафијашите од ДУИ, ќе ја отпуштат Перса дактилографката. Наместо да одговараат сите оние кои ги злоупотребија законите за лична корист (за што постојат јасни и гласни ревизорски извештаи) ќе дигаат прашина и ќе плашат ситна боранија. Која политичка перверзија. Како што реков, потребна ни е технократска влада за да се врати сета оваа гамад под камењата од под кои исползе пред 30 години – напиша таа.
Вработените во УЈП секојдневно протестираат по два часа. Бараат исполнување на нивните барања. На предупредувачки протест излегоа и вработените во Царина. Двете институции се заканија со генерален штрајк. Неработењето во УЈП ќе значи колапс на целиот систем, а на цариниците – блокада на граничните премини.