Фото: Маја Јаневска-Илиева

Изградбата на коридорите 8 и 10д е стратешки национален интерес за државата со кој ги поврзуваме градовите, ја поврзуваме нашата со околните земји и со светот со модерна патна инфраструктура и првпат се поврзуваме со запад и со исток што никогаш не било случено досега, бидејќи досега имавме поврзување само север-југ, со што само неколку фирми држеа монопол на транспортот и на Солунското пристаниште, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски на собраниската седница за пратенички прашања.

Во одговор на прашањето од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски во однос на Договорот со „Бехтел и Енка“, околу последиците по државата доколку измените на Законот за експропријација не се донесат во предложената форма во Собранието, со кои по експропријацијата одземениот имот веднаш се доделува во владение на компанијата, премиерот истакна дека вакви одредби има и во сегашното законско решение, потенцирајќи ја при тоа важноста на овој проект.

– Од кружен тек на Балканот со изградбата на коридорите, Северна Македонија конечно станува вистинска крстосница на Балканот, можност да биде сообраќајна и економска важна делница на картата на Европа. Овие инфраструктурни инвестиции се траен влог во создавање на наследство за идните генерации – потенцира Ковачевски.

Тој посочи дека економските придобивките од изградбата на овие коридори се 8000 нови работни места и нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на бруто домашниот производ од два проценти на годишно ниво во наредните пет години и изградба на 110 километри нови автопатишта.

Во однос на транспарентноста на Договорот со „Бехтел и Енка“, тој посочи дека нема ништо тајно бидејќи процесот траел две години, а сите клучни точки и елементи се достапни на јавноста и никогаш не биле тајна – вредноста на Договорот, начинот на реализација на проектот и трошењето на парите на граѓаните.

– ЈПДП по барање на Јавното обвинителство ја има доставено целокупната документација за избор на јавна набавка за надзор и правен трансакциски советник за овој голем проект, а во постапка е и доставување на Договорот за градба и инфраструктурните коридори потпишан со „Бехтел и Енка“. Исто така, веќе го информиравме и претседателот на Собрание дека во соодветна собраниска процедура сите детали од овој Договор ќе бидат презентирани и пред пратениците со соодветен сертификат и пратениците ќе можат да се уверат дека тој во сите детали соодветствува со Специјалниот закон што го имаат донесено. Важно е и да се истакне дека секој исплатен денар од државата за изградба на коридорите ќе биде јавно објавен и достапен на отворени финансии – рече премиерот Ковачевски.

Во однос на промената на законските решенија, тој рече ќе се овозможи нивно доуредување заради побрзо и поквалитетно реализирање на проектите. Ова, рече Ковачевски, не е непознат процес оти веќе се менувани закони со кои се унапредени повеќе области во државата.

– Измените на законите се единствено ажурирање на детектираните точки кои досега правеле успорување, односно институциите да можат побрзо да ги изведуваат работите на терен, за по овие модерни патишта да можат да се возат сегашните генерации а не генерации кои се уште не се родени. За пример ако го земеме Кичево – Охрид, за кој проектот беше репроектиран, со постоечките законски решенија на институциите им требаа пет години за да ги изменат проектите, да ја изменат трасата, да ги проектираат клучките и да завршат со експропријација на земјиштето. Сите овие измени се забрзуваат, но ниту една не е на штета на граѓаните. За потсетување за автопатот Кичево – Охрид досега се потрошени 600 милиони евра, а ниту еден сантиметар автопат не е пуштен заради лошото проектирање на трасата – вели премиерот.

Во однос на тајноста на Договорот со „Бехтел и Енка“, Ковачевски рече дека документот поседува клаузули на доверливост и приватност, како и секој друг потпишан со ЕБОР и со други изведувачи, а се однесува на технолошките процеси.

Премиерот наведе дека нема никакви пенали, а државата има опција автопатите да се градат во рок од четири години и седум месеци, што го зададе Владата или да прифатиме да се градат по постојната регулатива, која ќе значи подолго време на градба.

– Првата исплата во однос на овој договор е за авансот за почеток на градежните работи и секоја исплата од државата кон ЈПДП и потоа кон изведувачот ќе биде објавена на отворени финансии и граѓаните ќе знаат точно за што се плаќаат парите. Во однос на експропријацијата, предложените измени кои се во собраниска процедура важат и во моментов ги има во сегашното законско решение. Значи и сега градбата на делницата продолжува без второстепена постапка. Со измените на Законот за градба има нова постапка со која прво се одобрува урбанистичкиот проект што ќе ја утврди трасата, по што ќе започне постапката за експропријација на земјиштето – рече Ковачевски.

Пратеникот Стојаноски укажа дека не е задоволен од одговорот на премиерот, наведувајќи дека со измените се додава нов став кој гласи дека за изградба на стратешки инфраструктурни проекти на стратешкиот партнер експроприраниот имот ќе му се даде во владение веднаш штом одлуката стане конечна, без таа да стане правосилна. При тоа тој упати на одлука од Уставниот суд со која ваква слична одредба е оценета како неуставна, што според неговото толкување, значи дека државата презела обврски за кои ќе плаќа пенали на компанијата изведувач.

Ковачевски: Опозициските пратеници барем еднаш да застанат зад стратешките интереси на државата

Договорот со „Бехтел и Енка“, како и секој договор подразбира приватност и доверливост. Тоа го има секој договор потпишан меѓу која било влада со која било меѓународна голема мултинационална компанија, во кои одредени делови мора да бидат доверливи, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.

Одговарајќи на пратеничко прашање на Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски посочи дека се работи за странски сериозни и реномирани компании и додаде дека ова е пракса и на другите договори кои тие ги практикувале и во други земји. Тие доверливи информации се однесуваат на технологијата на работа на секоја договорна страна, на начинот на нивните пресметки…, и тоа, како што нагласи, не е никаков криминал и корупција.

Премиерот потенцира дека ова не прв ваков договор кај нас и додаде оти мора да се почитуваат деловните тајни на компаниите. – Но, тоа во никој случај не значи дека Владата крие нешто што е од интерес на јавноста и нешто што би имало некакви негативни ефекти врз граѓаните. Клучните елементи од договорот кои се од интерес за јавноста никогаш не биле тајна, како што е вредноста на договорот, начинот на реализација на договорот, како ќе се трошат парите на граѓаните, рече Ковачевски.

Во однос на транспарентноста, премиерот потенцира дека нема ништо тајно. – Овој договор се подготвува две години, од носењето на специјалниот закон, преку Управувачкиот комитет, преку потпишувањето на договорите со надзорот и со „Бехтел и Енка“, сите клучни точки и суштината беа пред очите на јавноста, рече Ковачевски.

Ковачевски тврди дека сите постапки со овој договор се испочитувани согласно законот донесен од пратениците од ова Собрание

Премиерот Ковачевски потсети на поднесените амандмани од Левица и додаде дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се кријат за нив. Според него, Димитар Апасиев ја води дебатата и ги води постапките на вкупната опозиција која, како што рече, седи на левата страна во Собранието.

Ковачевски нагласи дека договорот со „Бехтел и Енка“ е потпишан согласно закон, ги поминал сите филтри кои се потребни и потоа министерот за транспорт и врски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта го имаат потпишано. Тој договор на барање на Јавното обвинителство е во постапка на доставување од страна на Јавното претпријатие за државни патишта.

Според премиерот, на крајот ќе има проект кој ќе биде реализиран, а динамиката на проектот ќе зависи од блокадата која, како што рече, во Собранието ја прави вашиот шеф Димитар Апасиев, а вие ја поддржувате.

– Во амбасадите одите како мачиња, предете, велите ние се поддржуваме, ама Левица ги поднесе амандманите, рече Ковачевски, повикувајќи ги пратениците од опозицијата еднаш да застанат зад стратешките интереси на државата.