Фото: Христијан Мицкоски/Фејсбук

Министерот за здравство Сашо Клековски престојуваше во работна посета на Белград, каде што се сретна со српскиот министер за здравство Златибор Лончар и го посети Универзитетскиот клинички центар на Србија, пренесе МИА.

На средбата со Лончар, Клековски се заблагодарил за помошта што Србија ја пружила уште во првите часови по трагедијата во Кочани. Двајцата министри разговарале и за продолжување на лекувањето на повредените во српските здравствени установи, согласно претходната иницијатива, информираат од Министерството за здравство.

Во фокусот на разговорите била унапредувањето на соработката со референтните здравствени институции во Србија, со цел обезбедување високоспецијализирана здравствена заштита и зајакнување на капацитетите во Македонија.

Предвидени се можности за упатување пациенти на лекување и специјализирана помош за сложени здравствени состојби, обезбедување второ мислење и стручни консултации преку заеднички тимови, како и партнерства меѓу српските референтни центри и македонските клиники. Соработката би опфатила практична обука, стручни престои и менторство за клиничките тимови.

Министрите разговарале и за дигитализацијата и интероперабилноста на здравствените информациски системи, вклучително и интеграцијата на податоците од јавниот и приватниот здравствен сектор. Една од темите бил и системот „Мој термин“, кој се користи во Србија, а е развиен во Македонија.

Во рамки на посетата на Универзитетскиот клинички центар на Србија, најголемата здравствена установа во земјата, Клековски се сретнал со в.д. директорката, проф. д-р Јелена Друловиќ.

На средбата биле разгледани можностите за соработка меѓу оваа установа и универзитетските клиники во Скопје, особено во делот на упатувањето пациенти со сложени здравствени состојби, заедничките стручни консултации и едукацијата на македонските клинички тимови.

Клековски и Друловиќ ја посетиле и Клиниката за неврологија, каде што разговарале за згрижувањето на пациентите со мозочен удар, како и Центарот за мултипла склероза.

-Целта не е нашите пациенти да патуваат подалеку, туку знаењето да дојде поблиску. Тоа што денес за сложените случаи го бараме надвор, со заеднички тимови, обуки и менторство, утре треба да го имаме дома – истакнал Клековски.

За време на посетата, министерот бил придружуван од амбасадорот на Македонија во Србија, Никола Тупанчевски.