Фото: Пекселс

Католичките и протестантските верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар, денеска го одбележуваат Раѓањето Христово – Божиќ. Традиционално, во државава централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде што синоќа имаше божиќна света литургија.

На литургијата присуствуваа определен број свештени лица и верници согласно протоколите за заштита од ковид-19, како и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.
Бискупот скопски и струмичко-скопски епарх Киро Стојанов, честитајќи им го празникот Божиќ на католичките верници на литургијата ја прочита божиќната проповед.

Денешниот ден е вечниот симбол на нашата надеж, дека Бог е со нас и дека преку вербата, можат да се пребродат и најтешките искушенија, порача премиерот во оставка Зоран Заев.
Тој во објава на „Фејсбук“ ги повика верниците да ги прифатат пораките на празникот и да подадат рака на оној на кој што му е потребна.
– Ве повикувам да ги прифатиме пораките на празникот и да подадеме рака секому кому му е потребна помош, да даруваме безусловна љубов, да не заборавиме на добротворните дела, насмевката и радоста, оти само така сме корисни за нашето општество, за нашата држава. На припадниците на Католичката црква, како и на сите православни и други христијани коишто го слават Христовото раѓање според Грегоријанскиот календар, им посакувам среќни празници. Христос се роди! Среќен Божик – напиша Заев.

Упати честитка и претседателот на Собранието, Талат Џафери, во свое и во името на пратениците.

– Празниците се посебни денови кои имаат моќ на обединување, на дарување и солидаризирање со блиските, со далечните, со познатите, пријателите и соработниците, кога секој наоѓа нешто убаво за споделување со другите. Ширењето на мирот и спокојот во душата, гласното кажување на убавата и благородна мисла, споделувањето на трпезата и давањето таму каде што трпезата е празна е неизбежен дел и на овој убав божиќен празник. Затоа што, за жал, животот и светот не ги третира подеднакво сите луѓе, тагата и несреќата не се непознати за голем дел од човештвото и доколку постои барем и мала можност за враќање на насмевката и надежта на нечие лице, ние сме ја добиле нашата награда – наведува Џафери во честитката.