НА ДЕНЕШЕН ДЕН ПРЕД 76 ГОДИНИ

Заклетвата на македонските генерации да ги пренесат коските на Гоце Делчев во престолнината на Македонија била исполнета во 1946 година.
Весникот „Македонско знаме“ тогаш напишал: „Една трогателна манифестација на еден народ, кој бил секогаш единствен во своите идеали и остана до крај верен на Гоце Делчев… Гоце – мртов се соедини со својот слободен народ во својата слободна држава – Македонија“

Коските на Гоце Делчев биле чувани како реликвија на Македонците, а голема улога одиграле Михаил Чаков и Илинденската организација на Македонците во Бугарија.
По битката кај Баница, со дозвола на османските власти, телата на Гоце и на Димитар Гуштанов биле погребани заедно. Во 1906 година, Чаков се вратил во Серско и заедно со Таската Спасов-Серски решил да ги откопа коските на Делчев и на Гуштанов и да ги прибере.

Бидејќи во близината на гробот имало османлиска стража, тие тајно ги откопале коските и ги однеле во куќата на Никола Мутафчиев, клисар во црквата „Св. Никола“. По барање на Чаков и Таската, тој изработил сандаче за коските и го сместил под престолот во црквата. Клисарот бил заколнат да ја чува тајната. Во 1907 година, Чаков заминал за Баница и го проверил сандачето со коските на Делчев.

Во текот на Првата светска војна, Никола Мутафчиев се преселил во селото Кијункој, во близината на Скеча, а тука по некоја случајност се префрлил и Чаков. Во текот на војната, Баница настрадала, а сандачето со коските на Делчев останало во црквата.

Чаков ги прибрал коските и ги чувал во Скеча, Пловдив и во Софија, сè до 1923 година. Во август 1923 година, коските на Гоце биле изложени во црквата „Св. Недела“ во Софија, а потоа биле сместени на таванот во црквата. По еден месец биле прибрани во Илинденскиот дом во Софија, каде што биле сместени во саркофаг на кој на предната страна била врежана заклетвата на македонските генерации да ги пренесат коските на Гоце во престолнината на Македонија.

Заклетвата била исполнета во 1946 година. Македонските власти побарале од Националниот комитет на Сојузот на македонските братства во Бугарија да се согласи останките на Гоце да се пренесат во Скопје. Претходно македонските власти имале координација со бугарската влада, а клучна улога одиграл Георги Димитров, кој дозволил да се пренесат останките. Во овој период, Бугарија предводена од Димитров води позитивна улога кон Македонците, во овој правец е и културната автономија во пиринскиот крај.

Националниот комитет го прифатил барањето и на 4 октомври 1946 година организирал поклонение на Гоцевите останки. За пренесувањето на коските во Скопје биле извршени посебни подготовки. Бил изработен нов саркофаг во резба од страна на македонскиот уметник Нестор Алексиев. На предната страна се наоѓал ликот на Гоце, на задната страна знамето на ВМРО, а на страничните грбот на Македонија и на Југославија. Биле избрани посебна делегација и почесен одред предводен од генералот Кирил Михајловски-Груица.

Во однос на пренесувањето на останките, Акцискиот комитет за пренесување на коските на Гоце Делчев испратил апел кон македонската емиграција и софиското граѓанство. Во апелот било истакнато: „Драги сонародници, денес кога Гоцевиот идеал е веќе остварен од неговите следбеници, кога веќе постои Народна Република Македонија… коските на водачот Гоце Делчев треба да почиваат во престолнината на нашата држава – Скопје.“

Според спомените на овој генерал, по официјалната церемонија во Софија, коските во придружба на околу 2.000 Македонци ја напуштиле престолнината на Бугарија. Саркофагот со коските минал низ Пиринска Македонија, а насекаде народот му оддавал последна почит на Гоце. Груица истакнува дека: „На пат меѓу Симитли и Петрич во едно село каде што населението беше од Кукуш, машко и женско, старо и младо, празнично облечени – легнаа наземи кога лафетот поминуваше покрај нив“.
Весникот „Македонско знаме“ напишал: „Една трогателна манифестација на еден народ, кој бил секогаш единствен во своите идеали и остана до крај верен на Гоце Делчев… Гоце – мртов се соедини со својот слободен народ во својата слободна држава.“

Биле одржани посебни манифестации во Македонија. Тие ја достигнале својата кулминација на 10 октомври 1946 година во Скопје, кога останките на Гоце пристигнале во престолнината на македонската држава. Коските биле положени во црквата „Св. Спас“ – Скопје, а подоцна бил изработен монументален мермерен саркофаг во кој почиваат земните останки на Гоце.


Гоцевата револуционерна традиција

Гоце Делчев има огромен придонес за македонското ослободително движење, но и за понатамошниот развој на целото македонското национално движење. Неговото значење било оценето уште во 1903 година од страна голем број весници што пишувале за неговата смрт. Повеќе македонски организации настојувале да ги зачуваат и да ги рашират неговите идеали.

Особено биле активни дејците од Кукуш, емигранти во Бугарија. Во 1920 година било формирано читалиштето „Гоце Делчев“, во кое членувале: Христо Смирненски, Никола Трајков, Симеон Кавракиров и други. Од 1921 година започнал со излегување весникот „Гоцев лист“, уредуван од Тома Бучков. Слични листови излегувале и подоцна и одиграле значајна улога во запознавањето со животот и делото на Гоце. Во 1923 година во Софија било основано Кукушкото братство, слични друштва имало и низ другите градови низ Бугарија, преку нив се ширела Гоцевата традиција.

Гоцевата револуционерна традиција се изразила во континуитетот на македонската национална ослободителна борба, изразена преку дејноста на ВМРО, Македонската федеративна организација, македонската студентска корпорација „Гоце Делчев“, македонското студентско друштво „Вардар“, младинската културно-просветна организација „Тодор Александров“, Македонскиот женски сојуз, Илинденската организација, Сојузот на македонските емигрантски организации, Сојузот на македонските младински организации, ВМРО (Обединета), МАНАПО и итн. Гоцевата традиција продолжила и во опусот на Никола Јонков Вапцаров, Кочо Рацин, Коле Неделковски и др.